Агуада Феникс Фото: Wikimedia commons / Takeshi Inomata

ФОТО | Неверојатно! Најстариот и најголем храм на Маите бил изграден за да го прикаже космосот

Голем и древен мајански комплекс, скриен илјадници години во шуми и полиња, за првпат беше забележан од воздух со опрема за далечинско набљудување и претставен на јавноста во 2020 година. Пет години подоцна, археолозите откриваат нови, фасцинантни тајни на оваа монументална градба.

Станува збор за вештачка земјена висорамнина со придружни насипи и канали, изградена во југоисточно Мексико пред 3050 години. Локалитетот, наречен Агуада Феникс (Aguada Fénix), е најстарото и најголемо архитектонско наоѓалиште на подрачјето на древната цивилизација на Маите, поголемо дури и од подоцнежните познати градови како што се Тикал и Теотихуакан, иако без нивните препознатливи камени пирамиди, пишува Си-ен-ен.

Според новото истражување објавено во списанието „Саенс адвансес“, дизајнот на локалитетот бил приказ на начинот на кој тогашната заедница го замислувала универзумот. Локалитетот содржи крстовидни форми со различни големини, а во самиот центар се наоѓа јама во облик на крст исполнета со скапоцени ритуални артефакти.

Фото: Middle Usumacinta Archaeological Project / Takeshi Inomata

– Тоа е како модел на универзумот. Тие верувале дека универзумот е уреден според тој крстовиден образец, кој бил поврзан со текот на времето – рекол Такеши Иномата, професор по антропологија на Универзитетот во Аризона и главен автор на студијата.

Археолошкото наоѓалиште е изградено на самите почетоци на цивилизацијата на Маите, која својот врв го достигнала помеѓу 400 и 900 година од новата ера. Тоа било време на голем развој, градење храмови, патишта, камени пирамиди и развој на сложени системи на писмо, математика и астрономија.

– Пред ова наоѓалиште нема значајна градба. Археолошки гледано, навистина нема ништо; не користеле дури ни керамика – додал Иномата.

Револуционерно откритие од воздух

Древниот комплекс е откриен со помош на LiDAR, технологија за далечинско набљудување која може да создаде детални модели на кој било терен. Оваа техника ги револуционизираше археологијата во последните години, откривајќи древни структури скриени под густа вегетација, особено во Централна Америка. Тимот ископал неколку клучни локации, проучил примероци од почва и спровел дополнителни LiDAR истражувања.

Локалитетот не може лесно да се забележи на земја, иако главната платформа некогаш била висока речиси 15 метри, објаснила Вероника Васкез Лопез, предавач по мезоамериканска археологија на Универзитетскиот колеџ во Лондон и коавтор на студијата. Градителите не користеле камен, па нивната творба лесно може да се замени со природно брдо.

– Поголемиот дел од платформата денес се користи за земјоделски активности. Многу е суптилна и не се гледа од земја. Затоа е идентификувана само со помош на LiDAR – додала таа.

Космичка симболика и древен календар

Центарот на локалитетот го сочинува голема, издигната правоаголна платформа која можела да прими повеќе од 1000 луѓе. Сместена е на раскрсницата на два долги пата – еден во насока север-југ и друг во насока исток-запад – кои веројатно се користеле за поворки.

Во центарот на платформата, археолозите открија јама во облик на крст со пристап од скалило од платформата. Внатре имало помала јама со складиште артефакти од жад, исто така распоредени во форма на крст.

– Таму најдовме пигменти поврзани со специфични правци: сина за север, зелена за исток, жолта за југ. За запад не знаеме, но има црвена школка, па можеби е црвена – рекол Иномата.

Оската исток-запад на монументалната структура е усогласена со насоката на изгрејсонцето на 17 октомври и 24 февруари, што го наведува Иномата да заклучи дека споменикот служел како ритуално место за време на важните денови од мајанскиот календар.

– Интервалот е 130 дена. Тоа е половина од 260, а тоа е главниот ритуален календар на мезоамериканските народи. „Овие насоки и таков ред биле важни за нив и вложиле огромен напор да го прикажат тоа на теренот – објаснил тој.

Фото: Middle Usumacinta Archaeological Project / Takeshi Inomata

Заеднички напор, а не принуда

Иномата и неговите колеги веруваат дека локалитетот бил изграден од доброволци, а не од принудни работници, како што бил случајот со градењето на многу древни чуда како египетските пирамиди или подоцнежните мајански градови. Нивните ископувања не откриле никакви знаци на социјална хиерархија, како што се статуи на истакнати поединци или раскошни палати.

– Ако имате крал или владетели, тие често се претставени во скулптура или сликарство во Мезоамерика, а обично наоѓате и големи згради или палати каде што живееле тие моќни луѓе. Го немаме тоа во Агуада Феникс – истакнал Иномата.

Тој додаде дека откриените живеалишта сугерираат дека локалитетот не бил трајно населен со голем број луѓе, туку веројатно бил користен како место за собирање и богослужба за време на сушната сезона.

Истражувачите проценуваат дека за изградба на локалитетот биле потребни повеќе од 1000 луѓе кои работеле неколку месеци секоја година во текот на неколку години. Само за каналите и езерото, кои, се чини, немале практична цел, биле потребни околу 255.000 работни дена на едно лице, додека за главната висорамнина биле потребни неверојатни 10,8 милиони работни дена.

– Имаме перцепција дека за големи потфати мора да имате хиерархиска организација. Но, сега добиваме поинаква слика за минатото. Луѓето правеле големи работи и со тоа што се организирале, се собирале и работеле заедно – рекол Иномата.

Научната заедница воодушевена од откритието

Истражувањето предизвика голем ентузијазам и интерес кај археолозите ширум светот, потврди Стивен Хјустон, професор по антропологија на Универзитетот Браун.

– Овде, откритието е дека заедничката тема на мезоамериканските општества – поставување на светот според ритуални правци и бои – е јасно изложена, и тоа во многу рана фаза, во Агуада Феникс – рекол Хјустон.

– Ова истражување е дел од пошироко интелектуално движење во археологијата кое покажува дека големи конструкции можеле да се случат и во ситуации на релативна еднаквост – додал тој.

Неговиот колега од истиот универзитет, Ендрју Шерер, професор по археологија, рече дека самата големина на земјените работи, нивната рана старост и недостатокот на изразена социјална хиерархија го направиле локалитетот особено интересен.

„Огромна количина на работа беше вложена во Агуада Феникс – не само во подигнувањето на нејзините земјени работи, туку и во увозот и резбањето на голем број предмети од зелен камен – а во ниту еден случај нема јасен пример за нешто изградено за прославување на владетел или одредена група поединци. Ова е временски период кој останува слабо разбран во историјата на Мезоамерика и затоа најновите откритија на тимот се од исклучително значење за разбирање на тој загадочен период“, напишал тој во е-пошта.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот