ФОТО: Најголемиот парк во Тетово не се одржува, урбаната опрема уништена или украдена

Фото: Слободен печат

На единствениот парк во Општина Тетово во близина на автобуската станица, „Жена парк“, на површина колку еден фудбалски стадион, вандали му го најдоа „чарето“.

Урбаната опрема како клупи и реквизити за вежбање или е украдена или е оштетена. Слична е сликата и на „Скејт паркот“, лоциран веднаш до „Жена паркот“.

Фото: Слободен печат

Граѓаните велат дека младите особено во вечерните часови ги уништуваат парковите. Треба да има повеќе контрола, но и казни за тие кои ги вандализираат јавните површини. Дел од нив забелешки упатија и до ЈКП Тетово, претпријатие кое мора повеќе да обрне внимание на оддржување оти и тие малку зелени површини кои ги имаме, не се косат редовно, а на места има отпадоци.

Фото: Слободен печат

„Општината навистина не може да оддржува толку колку што можат граѓаните да уништат, особено младите на кои треба да им се посвети поголемо внимание. Треба да има инспекции на терен, каде се тие, мора да има повеќе казни за на овој народ да му дојде памет, рече еден жител на Тетово кој со своето внуче го затекнавме во „ Жена паркот“.

„И тие паркови што ги имаме не се оддржуваат, но и останатата јавна површина не се оддржува, како инфраструктурата, јавно осветлување нема доволно, нема сијалици на бандерите, а ЈКП Тетово треба повеќе да оддржува, ние за тоа плаќаме сметки“, вели друг тетовец.

Од ЈКП Тетово, велат дека дождливото време изминативе неколку недели било пречка за редовно оддржување на зелените површини.

„Се соочуваме со еден феномен кој што е и веќе постар, но е се поголем и поизразен во последно време, а тоа е вандализмот на младите кои ја уништуваат урбаната опрема и парковски клупи, како и детските реквизити“, рече Љулзим Шаќири од ЈКП Тетово.

Тој додаде дека нивни екипи сега со засилени активности започнале да ја косат тревата, но и собираат сметот од парковските површини. Се прават напори и за поставување на нова урбана опрема на местото на оштетената и украдената.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот