Петар Грашо и Дорис Драговиќ / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

ФОТО | „Ме вративте дома“: Дорис Драговиќ се расплака во Скопје, Грашо прослави 30 години кариера

Скопската арена „Борис Трајковски“ синоќа беше исполнета со емоции и носталгија за некои безвременски хитови на заедничкиот концерт на хрватските музички ѕвезди Дорис Драговиќ и Петар Грашо. Вечерта, најавена под мотото „Една вечер, две ѕвезди“, донесе вистински музички спектакл во кој се испреплетоа различни генерации и песни што со децении ѝ се драги на регионалната публика.

Концертната вечер ја отвори Дорис Драговиќ, која веднаш воспостави топол контакт со присутните во салата. Со насмевка и благодарност за пречекот, таа ѝ се обрати на публиката.

„Ова се нарекува топол пречек. Ви благодарам од срце. Ви благодарам за ваквиот пречек, бидејќи по толку години што не сум била тука, човек се прашува како ќе биде. Во меѓувреме се родија нови генерации, дојде нова младост, и токму затоа уште повеќе ви благодарам што сте тука. Пејте со нас, ви благодарам многу!“, рече Драговиќ.

Дорис Драговиќ / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

По обраќањето, таа ја изведе песната „Селим ти ја“ од 1997 година, а веднаш потоа следеше и „Дуг“ од 2000 година. Во текот на настапот Драговиќ постојано комуницираше со публиката, се движеше по сцената и често пееше сосема блиску до своите обожаватели во првите редови.

Со својот препознатлив шарм и ведрина, таа во еден момент низ шега им порача на присутните: „Не знам како е кај вас, но јас сум многу млада. Танцувам низ светот затоа што сум млада. Јас сум млада, веќе шеесет и четири години“.

Нејзината младолика енергија се чувствуваше низ целата арена, а публиката ја следеше од песна во песна. Посебно разиграна атмосфера се создаде кога Драговиќ го изведе својот хит „Петак“, кој во изминатата година повторно стана популарен меѓу помладата публика откако се прошири на платформата ТикТок.

Дорис Драговиќ / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Во еден момент од концертот, Драговиќ со насмевка сподели и кратка приказна за почетоците на љубовта со својот сопруг, поранешниот ватерполист Марио Будимир.

„Стојам јас на плажа, стои и тој на плажа. Меѓу нас е едно тамарисово дрво, па и двајцата се правиме наивни и се преправаме дека не се гледаме. Јас си играв со прамен од косата, а тој немаше што да прави. И еве, триесет и пет-шест години подоцна – ние сме во брак и имаме син од 35 години. Следната песна што ќе ја чуете е нешто што јас му го смислив“, раскажа хрватската музичка дива.

По оваа анегдота, таа ја изведе песната „Једини“, посветена токму на својот сопруг.

Дорис Драговиќ / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Во текот на вечерта, Драговиќ ја поведе публиката и на мало музичко патување. Со изведбите на „Жељо моја“, песната со која во 1986 година ја претставуваше поранешна Југославија на Евровизија, како и на „Марија Магдалена“, со која во 1999 година на Хрватска ѝ го донесе четвртото место на истото натпреварување, пејачката ја врати арената во едни поинакви, за многумина и поубави музички времиња.

По двочасовен музички времеплов низ нејзината долгогодишна кариера, во кој ги изведе своите најголеми хитови, Драговиќ го заокружи својот настап со песната „Седам мора, седам гора“.

На крајот, видно трогната од реакцијата на публиката, таа им се заблагодари со емотивни зборови.

Дорис Драговиќ / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

„Ви благодарам од сè срце. Ви благодарам што ме вративте дома. До нашата следна средба, ве заклучивме во срцето и ќе ве понесеме со нас во Сплит, во Загреб. А вас ве молам, немојте да нè заборавите“, рече пејачката.

Додека ѝ се обраќаше кон публиката, беше видливо дека емоциите ја понесоа, па пејачката се расплака на сцената, додека салата ја испрати со долг аплауз.

По нејзиниот настап, на сцената ѝ се придружи Петар Грашо, а двајцата заедно ја изведоа нивната заедничка песна „Све је то од мене остало“ од 1997 година. По дуетот, Драговиќ ја напушти сцената, а концертната вечер продолжи со настапот на Грашо.

Петар Грашо и Дорис Драговиќ / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Секогаш шармантен и енергичен, Петар Грашо внесе поинаков сензибилитет во концертната вечер, продолжувајќи со своите препознатливи хитови.

Неговиот настап започна со впечатлив воведен момент на видеобимот, каде се нижеа фотографии од неговиот живот и кариера – од детството и првите музички чекори, преку почетоците на сцената, па сè до денес, кога важи за една од најголемите музички ѕвезди во Хрватска. Со овој концерт, Грашо воедно одбележа и значаен јубилеј, 30 години кариера.

„За нас 2025 беше убава година бидејќи започнавме една славеничка турнеја низ целата поранешна Југославија, со која јас и мојата придружна група славиме 30 години кариера. Толку ми е драго што по Белград, Нови Сад, Љубљана, Марибор и Сараево, дојдовме да прославиме и во Скопје, град што навистина го сакам“, рече Грашо и го испеа својот прв хит „Требам некога“ од 1996 година.

Петар Грашо / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

По неколку од неговите препознатливи песни, Грашо ја изведе и легендарната „Цесарица“ на Оливер Драгојевиќ, песна која публиката во арената ја испеа во еден глас.

По изведбата, тој се присети на човекот кој, како што рече, имал најголемо влијание врз неговата одлука да се посвети на музиката. Грашо раскажа дека токму Оливер Драгојевиќ бил личноста што го охрабрила да продолжи по музичкиот пат и да ги следи своите соништа, момент што, како што призна, засекогаш му го променил животот.

„Имав 16 години, пишував песни и професионално играв кошарка. Добив можност да одам во Чикаго – да учам и да играм кошарка. Но татко ми, без да знам, ја зел касетата на која ми беа снимени песните и му ја однел на Оливер Драгојевиќ. Еден ден ѕвони фиксниот телефон дома, се јавувам и го слушам неговиот глас. Ме праша: ‘Дали ти ги напиша тие песни? Тоа е многу добро. Нема да одиш никаде. Ќе пееш и ќе пишуваш песни. А една од нив ќе ми ја дадеш мене да ја испеам’. Така останав во Сплит, а кој знае, да не беше Оливер, можеби денес ќе бев келнер во некој ресторан за пилешко во Чикаго“, раскажа Грашо, предизвикувајќи насмевки кај публиката.

Петар Грашо / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Во текот на концертот, Грашо се наврати и на музиката и времето во кое растела неговата генерација, потсетувајќи дека и покрај тешките години во регионот, музиката од 1990-тите се уште важи за исклучително квалитетна.

Тој со насмевка потсети дека тогашните генерации немале социјални мрежи и дигитални платформи како денес.

„Тие години не беа баш најдобри, ни се случуваа многу лоши нешта, но музиката беше добра. Ние како деца немавме Фејсбук, ТикТок, Инстаграм или Снепчет, но се имавме едни со други. Читавме стрипови како ‘Алан Форд’ и ‘Загор’, се договаравме за средби на фиксни телефони и имавме трпение – знаевме да чекаме и знаевме дека нештата не можат да се добијат веднаш“, рече Грашо.

Со своите најголеми хитови и енергичниот настап, Петар Грашо ја задржа атмосферата во салата до самиот крај, а оваа концертна вечер во организација на продукцијата „Прагма“ ќе остане запаметена како една од најубавите годинава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот