ФОТО | „Малиот тука ќе учи!“: Осамна транспарент во училиштето „Лазо Ангеловски“, кое зјае празно
Едно од најголемите основни училишта во Скопје, „Лазо Ангеловски“ утринава осамна без ученици откако Советот на родители донесе одлука за бојкот со кој се согласиле сите паралелки од прво до деветто одделение. На училишната порта наместо детскиот џагор, осамнаа само транспаренти со содржина „Малиот тука ќе учи!“ и „Издржи мали, со тебе сме!“.
Пораките се со поддршка за ученик кој деновиве се посочува како причина поради којашто има бојкот во две основни училишта во Скопје – „11 Октомври“ во Центар и „Лазо Ангеловски“ во Аеродром. Причините за бојкотот родителите од двете училишта го посочуваат во тоа што станувало збор за ученик со насилно поведение за кој ниедна институција не се прогласи за надлежна и способна да му помогне и да ги смири страстите.
Советот на родители на ОУ „Лазо Ангеловски“ во Аеродром синоќа одлучи дека бојкотот на нивните деца ќе почне од денеска, до институционално разрешување. Родителите со кои разговаравме, а кои имаат ученици во ова училиште, велат дека проблемот има генеза, историја и дека се незадоволни од работата на Центарот за социјални работи, од педагошката служба и поранешните обиди проблемот да се турка под тепих сè додека не ескалирал до степен повеќе да не може да се замижува пред него.
„Како совет, а пред се како родители, со крајно внимание ги следиме настаните од изминатите два дена, а кои се однесуваат на нашето училиште. Од причина што овој проблем има сопствена генеза , а последоците и нерешениот проблем се актуелни и ден денес, беше покрената иницијатива за одржување на вонредна седница на советот. Како увертира на седницата која се одржа денес на ден 04.12.2024 година преку претставниците на одделенијата во советот до сите вас беше споделена информација за ситуацијата во која се наоѓаме како училиште, а воедно и беше побарано во рамките на секое одделение да се спроведе анкета за бојкот на наставата сè до изнаоѓање на соодветно решение на ситуацијата. На седницата одржана вечерва во 19 часот и 30 минути, беа сумирани резултатите од анкетата и едногласно од страна на секое одделение беше добиена согласност за отпочнување на бојкот на наставата почнувајќи од утре, 05.12.2024 година“, реши Советот на родители на ОУ „Лазо Ангеловски“.
Согласно донесената одлука, советот апелираше сите ученици да останат дома.
„Да им дадеме можност на надлежните да изнајдат решение за проблемот со кој се соочуваме, а од кое ќе бидеме сите задоволни и ќе ги пуштиме нашите деца на настава без притоа да се грижиме дека истите безбедно ќе се вратат дома. Напоменуваме дека одлуката за бојкот се однесува за ден 05.12.2024 година – четврток и важи за сите одделенија од 1-во до 9-то. Во текот на утрешниот ден, допопнително преку преставниците, ќе биде споделена информација до сите вас за преземените чекори кои ќе се однесуваат на периодот кој следи“, информираа од Советот на родители на ОУ „Лазо Ангеловски“.
Бојкот имаше и во центарското основно училиште „11 Октомври“. Таму директорката тврдеше дека дала согласност за упис на детето по редовна постапка, ама се пишманила, затоа што добила информации за историјата на детето кои не ѝ биле претходно познати.
Министерството за образование за денеска најави состанок на засегнатите страни за да се најде решение во интерес на сите страни. Ученикот има право на образование, рече вчера министерката за образование Весна Јаневска.
-Секое дете во земјата има право на образование. Образованието е задолжително. Фокус на образовниот систем е детето, кое и да е и што да му се случува во животот во системот на државата треба да си најде место. Државата е должна заедно со училиштата да му овозможат на детето да поминува низ образовен процес. Сметам дека е пренагласена реакцијата на сите родители, но и дека училиштата треба посериозно да ја сфатат работата околу децата со потешкотии во учењето или имаат потешкотии во однесувањето и социјализацијата. Овој случај трае премногу. Преземени се одредени мерки па дури и МОН формира комисија која се вмеша во решавањето на проблемот. Препорачано е детето да ја промени средината. Ако стручни лица тоа го препорачуваат значи така треба да биде. Училиштето од кое потекнува детето има педагог, психолог, социјални работници и цел систем кој треба да го реши проблемот. Било кое училиште во кое оди детето ги има истите служби и цел систем на располагање. Детето не смее да остане на улица – рече Јаневска.