Фото: ЗИМ

ФОТО: Наши ученици се закитија со сребро и со бронза на Јуниорската балканска олимпијада по информатика во Кипар

Македонскиот тим, составен од Владимир Грчев, Марко Кренков, Зоран Илијоски и Јаков Грујовски под водство на д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од ФИНКИ, освои сребрен и бронзен медал, а Илијоски и Грујовски се закитија со олимписка пофалба.

Младите македонски информатичари Марко Кренков и Владимир Грчев освоија сребрен, односно бронзен медал на 18. Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2025), која од 24 до 30 октомври се одржува во Ларнака, Кипар.

Зоран Илијоски и Јаков Грујовски од олимпијадата се враќаат со олимписка пофалба.

Фото: ЗИМ

Македонскиот тим на овој престижен меѓународен натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15 и пол години е составен од Владимир Грчев од Кочани, Марко Кренков од Струмица, Зоран Илијоски од Кичево и Јаков Грујовски од Скопје, предводени од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Ученикот Владимир Грчев од Кочани освои златен медал на Европска олимпијада по информатика

„Ова остварување е за почит, дури и за поголеми држави“

„Ново одлично претставување на младите македонски ученици – информатичари, како заокружување на уште една, исклучително успешна година за Македонија на олимпијадите по информатика. На 18-та Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2025), која од 24 до 30 октомври се одржува во Ларнака, Кипар, нашите ученици остварија значаен резултат. Македонскиот тим на овој престижен меѓународен натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15 и пол години, составен од Владимир Грчев од Кочани, Марко Кренков од Струмица, Зоран Илијоски од Кичево и Јаков Грујовски од Скопје, предводени од лидерите, д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои еден сребрен и еден бронзен медал. Со овие два медала, вкупниот биланс на македонските ученици на меѓународните информатички олимпијади во текот на 2025 година изнесува два златни, три сребрени, пет бронзени медали и шест олимписки пофалници, остварување што е достојно за почит, дури и за многу поголеми држави,“ соопшти Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ).

Фото: ЗИМ

Членовите на македонскиот тим за ЈБОИ 2025 биле избрани преку целогодишен циклус на натпревари, кој континуирано го организира ЗИМ, годинава по 36-ти пат. Натпреварите се одвиваат преку системот „Мендо“, достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи. И оваа година циклусот натпревари бил реализиран со поддршка на ФИНКИ, „Бистри умови“, како и неколку општествено одговорни компании: „Сорсикс“, „Семос Едукација“ и „Винчини“.

Како функционира натпреварот?

Јуниорската балканска олимпијада по информатика е натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15 и пол години од земјите на Балканскиот регион. Секоја земја учествува со тим од најмногу четворица натпреварувачи, тим-лидер и заменик лидер, а натпреварувачите решаваат алгоритамски проблеми во текот на два натпреварувачки дена.

Официјален домаќин на ЈБОИ 2025 е Република Кипар, а главен организатор е Здружението на информатичарите на Кипар, заедно со Министерството за образование, спорт и младина на Кипар. На олимпијадата учествуваат вкупно 33 натпреварувачи од Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Романија, Србија и Словенија.

„Во ваква исклучително силна конкуренција, сребрениот медал за Македонија го освои Марко Кренков, а бронзениот – Владимир Грчев, додека Зоран Илијоски и Јаков Грујовски се враќаат со олимписка пофалба“, нагласуваат од ЗИМ.

Фото: ЗИМ

Претседателот на ЗИМ, д-р Миле Јованов, истакнал дека нашите млади информатичари покажуваат континуитет на врвни достигнувања и силен потенцијал за идни меѓународни успеси.

Три бронзени медали за Македонија на Европската јуниорска олимпијада по информатика

 

„Горди сме на секој од нашите натпреварувачи, не само поради освоените медали, туку и поради сериозноста, посветеноста и професионалниот настап што го покажаа во текот на целата година и на самото натпреварување. Нивниот резултат не се само моментален успех туку е знак дека во следните години ќе имаме силни тимови и на сениорските натпревари како Интернационалната и Балканската олимпијада,“ нагласил Јованов.

Тој, како што се нагласува во соопштението, додаде дека подготовките за следниот циклус натпревари започнуваат веднаш по завршувањето на оваа олимпијада, со цел да се задржи и унапреди високото ниво на резултати кое Македонија го постигнува во последните години и ги повика сите заинтересирано ученици да се вклучат во натпреварите.

„Ние неуморно продолжуваме да работиме со младите таленти. Нашата цел не е само освојување на медали, туку создавање генерации кои ќе продолжат да го развиваат дигиталниот и технолошкиот екосистем на земјата,“ нагласил тој.

Следната, 19-та по ред, Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2026) ќе се одржи идната година во Сараево, Босна и Херцеговина.

Македонски средношколци освоија еден сребрен и два бронзени медали на натпревар по информатика

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот