Македонски средношколци освоија еден сребрен и два бронзени медали на натпревар по информатика

Фото = Архива

Благојче Павлески од Прилеп освои сребрен медал, а Тео Китановски од Скопје и Марко Танески од Прилеп освоија бронзени медали на Интернационална олимпијада по информатика која се одржуваше во Индонезија

На 34. Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2022), која од 7 до 15 август се одржува во Јогјакарта, Индонезија, македонскиот тим средношколци го постигна историски највисокиот резултат во повеќегодишната традиција на ова натпреварување.

Македонскиот тим на овој најпрестижен интернационален натпревар во програмирање, составен од учениците Благојче Павлески, Марко Таневски, Софија Велковска и Тео Китановски, предводени од лидерите, д-р Емил Станков и Мартин Динев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои еден сребрен и два бронзени медала, информираат од Здружение на информатичари на Македонија.

ИОИ 2022, после две години онлајн изданија, се одржува како хибриден настан, а повеќето од 90-те тимови се присутни во Индонезија. На настанот учествуваат вкупно 352 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки, кои беа избрани преку годишните национални натпревари во програмирање во земјите учеснички.

„Во ваква силна конкуренција, досега најдобриот сребрен медал за Македонија го освои Благојче Павлески, ученик од Прилеп, со штотуку завршено средно образование во ПСУ ‘Јахја Кемал’ во Скопје. Учениците Марко Танески, исто така од Прилеп, и Тео Китановски од Скопје освоија бронзени медали. Нашиот тим традиционално се избира во целогодишен циклус натпревари кој го организира Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), годинава поддржан од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и општествено одговорните компании Мелон технологии, Нетцетера и Семос едукација. Натпреварите се одржуваат преку системот мендо.мк кој е одржуван волонтерски од ЗИМ и е достапен во текот на целта година за сите заинтересирани натпреварувачи“, појаснуваат од Здружението на информатичари на Македонија.

Д-р Миле Јованов, претседател на ЗИМ, и долгогодишен член на управниот комитет на Интернационалната олимпијада вели дека резултатот остварен на овој натпревар претставува продолжување на традицијата на успешни претставувања на земјава на интернационалните информатички олимпијади во последниве десетина години и уште една нова потврда за знаењата и вештините од областа на компјутерските науки што ги поседуваат нашите ученици.

-Во текот на вчерашниот ден, гледајќи ги во живо како се менуваат резултатите од натпреварот, кога во одредени моменти Благојче беше и со освоен златен медал, сфатив дека вреди што како Здружение трошиме огромна енергија за организација на домашните натпревари и за подготовка на талентираните учениците за интернационалните натпревари. За жал, заради задоцнета поддршка за патување од страна на институциите, и енормното зголемување на цената на авио билетите, нашиот тим наместо во живо учествуваше на олимпијадата онлајн, од просториите на ФИНКИ и со тоа на нашите врвни ученици им беше ускратена можност да бидат на лице место заедно со учесниците од останатите земји. Благојче, бидејќи е пласиран високо на ранг-листата меѓу најдобрите учесници од светот, ќе добие покана за да учествува на камп во Сингапур во текот на септември“, вели Јованов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот