ФОТО | Македонија со победа над Унгарија ги заврши мундијалските претквалификации
Македонската сениорска кошаркарска репрезентација денеска го одиграа најдобриот натпревар во претквалификацискиот циклус за Светскиот куп 2027 Катар, откако во СРЦ „Кале“ – Скопје ја совлада Унгарија (82:75). Од претходно избраниците на селекторот Марјан Илиевски ги загубија шансите за пласман во квалификациите, но овој триумф над Унгарците може да биде доказ дека играчите се на добар пат.
Препорачано
Ако на отворањето на натпреварот поентерски во преден план во македонскиот тим беше Џејкоб Вајли, откако влезе во игра, Виктор Ташовски донесе дополнителна енергија во играта на нашиот национален тим. И не само тоа, затоа што , шест од вкупно 11 поени во нашата серија (11:0) со која направивме и играчки, но и резултатски пресврт, беа дело на нашиот плејмејкер.

Од минус од три поени (12:15), за неполни три минути поведовме со 23:15, како што беше на семафорот по крајот на првата четвртина. Имавме и двоцифрен плус (25:15), откако во воведот на втората, поентираше капитенот Магдевски.
Имавме и повисоко водство (30:18), откако Никола Василевски ги постигна своите први поени како сениорски репрезентативец. Но, Унгарците одговорија со својата серија, шест поени по ред, доволно за да го натера селекторот Марјан Илиевски да го повика и вториот тајм-аут во првото полувреме. Унгарија се доближи на 24:30 кога се играше 14 минута.
Тоа беа, би се рекло, и најкризните моменти во играта на нашиот тим. Брзо одговоривме, со тројката на Митревски (негова втора) и положувањето на Вајли (негов 10 поен), за одново да имаме двоцифрена позитива (37:26), на четири минути пред големиот одмор. Откако малку одмори, Ташовски се врати на теренот, и продолжи да го погодува кошот на противникот. Го донесе и највисокото наше водство во првото полувреме (39:26).

Ја имавме истата разлика и на крајот на, веројатно нашето најдобро полувреме во мундијалските претквалификации (45:32). Гостите имаа подобар почеток, кој по втор пат на мечот во СРЦ „Кале“ ги донесе блиски до егал резултат. По серијата (8:0) Унгарците се доближија на „минус пет“ (40:45). Но уште еднаш пронајдовме одговор, за кратко време се вративме во двоцифрен плус (53:42), а во следниот напад, одново ги имавме оние „плус 13“, (55:42).
До крајот на овој трет период од играта, дури и го зголемивме тоа водство на 64:50. Тука не застанавме, атракцијата на Вајли ја донесе Македонија до уште повисока предност (70:55) за гостински тајм-аут, на 07:33 минути до крајот. Одличниот Американец со македонски пасош, донесе и поголеми 76:59. Недостижно за противникот, за голема победа на младата, полетна, полна со енергија, Македонија.
Вајли беше најефикасен со 23 поени (и четири скока), имаше поддршка од Митревски и Ташовски кои реализираа по 14 поени.


