ФОТО | Луксуз со поглед кон Тоскана – ова е најдобриот нов хотел во светот
Американското списание „Есквајр“ ја објави својата листа на најдобрите нови хотели во светот за 2026 година, а првото место го освои хотел во Фиренца.
Препорачано
„Колеџо ала Кверче“ е прогласен за хотел на годината, откако ги отвори вратите во март 2025 година. Првично изграден како вила во 16. век, „Колеџо ала Кверче“ подоцна служел како интернат, пред да биде трансформиран во хотел со 83 соби каков што е денес.
Сместен на рид, објектот нуди неверојатен поглед кон историскиот центар на градот, кој е под заштита на УНЕСКО, како и кон тосканската природа.
„Тука е мирно и имате чувство дека сте километри далеку од летните туристички гужви што го преплавуваат градот“, напиша главниот уредник на „Есквајр“, Мајкл Себастијан.
„А сепак, центарот на Фиренца е многу блиску. ‘Колеџо ала Кверче’ е еден од оние хотели што делуваат толку домашно што не сакате никогаш да си заминете.“
Што нуди „Колеџо ала Кверче“
Архитектонското студио „Естева и Естева“ беше задолжено за реновирање на објектот во модерен хотел, при што е зачуван неговиот оригинален карактер, а траги од неговото минато се присутни во секоја просторија.
Рачно насликаните фрески се реставрирани, а низ целиот објект се протегаат дрвени тавани со касетна изработка. Барот, сместен во поранешната канцеларија на директорот, се инспирира од училишната традиција, нудејќи коктели што користат хемиски техники за создавање уникатни комбинации.
Во рамките на хотелот има и ресторани како „Ла Гамела“, кој се фокусира на сезонски италијански специјалитети, како и покрајбазенскиот „Кафе Фоколаре“, каде се служат пици, пасти и, секако, нивна верзија на познатите флорентински панини.
Гостите можат да се релаксираат во спа-центарот „Аелија“, кој користи производи на „Фуртуна скин“, направени од маслинки и билки одгледани на Сицилија.
Најдобрите нови хотели во Европа
Освен „Колеџо ала Кверче“, дури 13 од вкупно 43 хотели на листата се од Европа, меѓу кои по два се наоѓаат во Лондон, Париз, Барселона и Фиренца.
Во Лондон се издвојуваат „Темплтон гарден“ во населбата Ерлс Корт, познат по својата мирна локација, како и „Њуман“ во Фицровија, кој е опишан како идеално засолниште од градската гужва, но и одлична почетна точка за искусните патници.
Во Париз, „Експериментал Маре“ се наоѓа во еден од најтрендовските квартови, додека „Ла Фондасион“ привлекува со својот дизајн што спојува јапонски минимализам и француски модернизам.
Во Барселона, поранешниот „Гран хотел ла Флорида“, сега „Мет Барселона“, е опишан како комбинација од дестинациски хотел и урбано одморалиште, додека „Ес-ел-ес“ нуди дури четири базени за релаксација.
Силен впечаток остави и првиот хотел на британскиот синџир „Хокстон“ во Фиренца, како и „В Фиренца“, кој нуди поглед кон катедралата Дуомо од кровниот бар „Зефиро“.


