ФОТО | Коки со емотивна објава: Нашинец во Италија си ги крстил децата Дуле и Коки

Никола Јанков
Никола Јанков - Коки / Фото: Принтскрин/Фејсбук

Познатото дуо „Дуле и Коки“ беа синоним за добра музика и пријателство. Душан Љубисављевиќ и Никола Јанков долги години опстојуваа на македонската сцена, а за нив слободно може да се каже дека ги сакаа и колегите и пријателите и народот.

Двајцата штипјани во јавноста првпат се појавија во 1996 година со песната „Виолина и гитара“ со која победија на фестивалот „Макфест“. Оттогаш нивната кариера тргна во нагорна линија, се до 2013 година кога Душан Љубисављевиќ-Дуле по неколкумесечна борба со рак на црниот дроб, почина.

Виолинистот Никола Јанков попознат во јавноста како Коки, продолжи да плови во музичките води, но никогаш не го заборави својот драг пријател и колега. Честопати знае да објави по нешто, сеќавајќи се на никогаш непреболениот Дуле, особено на важни датуми како годишнината од неговата смрт, сеќавајќи се на заедничките спомени.

Овојпат, Коки на својот фејсбук-профил сподели една интересна и длабоко емотивна случка, која е доказ дека познатото дуо е врежано во срцето на народот…

Неговата објава ви ја пренесуваме во целост:

„Од време на време ќе сретнеш, ќе разбереш, ќе слушнеш некоја случка или приказна, но ова е вистинска љубовна приказна. Не беше за верување, ама ќе те тресне, па се чудиш дали е за верување или не.

Дури свирев таа вечер, имаше еден пар, маж и жена, што некако двоеја од останатите луѓе од таа маса кај што седеа (голема беше масата). Нема, нема, па со поглед човекот како да сакаше да ми каже нешто.

Не знам како, при крај, некој викна „Седи Коки, одмори малку“ и седнав, ама баш до човекот за кого ви зборувам… Ми рече вака: „Брат, заминати сме од Македонија, одамна, имам двајца синови, близнаци, по 13 години се“. Ее, реков, супер, како ќерка ми (му влегов во збор).

„Ќе погодиш ли како се викаат?“, ме праша. Кревам раменици. „Дуле и Коки – по вас“. Штамааа, кнедла! Чест е, а? Можам да напишам уште нешто… Ама не можам.

П. С. Му реков на Ѓорѓи (таткото) да ги донесе утре да ги гушнам.“

26.03.2022 Пјаченца , Италија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот