Фото: Фејсбук/„Нешнл траст“

ФОТО | Импресивна глетка: Џиновска секвоја прогласена за највисоко живо божиќно дрво во светот

Џиновска секвоја што расте на имот на „Нешнл траст“ (британска организација за зачувување на места од историско или природно значење) официјално е прогласена за највисоко живо божиќно дрво во светот. Дрвото, високо импресивни 44,7 метри, се наоѓа во Крегсајд, во англиската област Нортамберленд, и е повеќе од двојно повисоко од познатата скулптура Ангелот на Северот. Секвојата е засадена уште во 1860-тите години, а рекордот официјално го потврди тимот на Гинисова книга на рекорди, објави Би-би-си.

За воопшто да биде земена предвид за рекорд, секвојата морала да исполнува строго утврдени усСлови – меѓу кои и тоа да биде украсена со најмалку два вида божиќни декорации. Затоа, дрвото било накитено со повеќе од 1.300 божиќни светилки и две огромни виолетови машни, соопштија од „Нешнл траст“. За украсувањето била користена специјална работна платформа, а тројца луѓе работеле цели два дена за да ги постават сите светилки.

„Секоја сијаличка внимателно се проверува, а потоа се поставува и се прицврстува вертикално, со цел да не се создаде преголем притисок врз дрвото“, објаснија од организацијата.


Судијата на Гинисовата книга на рекорди, Карл Савил, изјави дека „било вистинска привилегија на ова дрво да му се додели признанието што навистина го заслужува“. Имотот во Крегсајд и минатата година го имал највисокото живо божиќно дрво во Обединетото Кралство.

„Постојано се прашувавме дали можеме да направиме уште еден џиновски чекор напред и да обезбедиме светски рекорд… и успеавме“, изјави Стив Хауард, службеник во Крегсајд.

Тој додаде дека изминатите неколку недели било исклучително тешко оваа вест да се чува во тајност, но сакале да ја споделат токму во периодот кога многумина ги украсуваат своите божиќни дрвца.

Станува збор за целосно нов рекорд во категоријата највисоко живо божиќно дрво. Рекордот за највисоко божиќно дрво некогаш поставено сè уште му припаѓа на дрво поставено во 1950 година во трговскиот центар Нортгејт во Сиетл, во Соединетите Американски Држави. Тоа дрво, за разлика од секвојата во Крегсајд, не било вкоренето во земја и достигнувало височина од 64,6 метри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот