ФОТО | Горила, за која мислеле дека е мажјак, родила младенче во зоолошка градина

Фото: Фејсбук/Зоолошка градина „Колумбус“

Чуварите во зоолошката градина „Колумбус“ во Охајо, САД неодамна биле изненадени од младенче горила во кафез, каде што мислеле дека е сместен мажјак, пишува „Си-ен-ен“.

Вработените во зоолошката градина откриле дека животното, кое живее во зоолошката градина од 2019 година, е всушност женка.

„Нашиот тим за нега на горилите не знаеше дека таа е бремена, а младенчето го роди во четвртокот наутро“, се вели во нивното соопштение.

Фото: Фејсбук/Зоолошка градина „Колумбус“

Се поставува прашањето – Како не забележале дека осумгодишната Сали е, всушност, женско?

Горилите „немаат истакнати гениталии“, а мажјаците и женките главно изгледаат слично до околу осум години, се вели во соопштението на зоолошката градина, истакнувајќи дека дури подоцна во животот мажјаците развиваат повидливи сексуални карактеристики и карактеристични испакнатини на главата.

Кога Сали пристигнала во „Колумбус“, таа била „младо и здраво животно“ и нејзината состојба не барала никакви медицински процедури, што би довеле до претходно откривање на полот, велат од зоолошката градина.

Бременоста била пропуштена и затоа што „горилата ретко покажуваат надворешни знаци“ дека се „бремени“, бидејќи „младенчињата се помали од човечките бебиња, а горилата природно имаат голем стомак“, се додава во соопштението.

Со оглед на тоа дека периодот на бременост на горилата е осум и пол месеци, од зоолошката градина проценуваат дека Сали забременила наесен. Оттаму велат и дека младенчето изгледа како здрава женка.

„Ветеринарите сè уште не му пришле на бебето, давајќи им време на мајката и младенчето да се поврзат, но наскоро ќе извршат здравствена проверка“, се вели во соопштението на установата.

Подоцна ќе биде направен ДНК тест за да се утврди таткото на младенчето.

Посетителите на зоолошката градина „Колумбус“ ќе можат да ги видат мајката и младенчето од следниот петок.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот