Кејти Холмс и Џошуа Џексон во деведесеттите години и денес / Фото: Profimedia

ФОТО | Една од најсаканите телевизиски двојки: Кејти Холмс и Џошуа Џексон повторно љубовен пар пред камерите по 22 години

Холивудската ѕвезда Кејти Холмс повторно ќе заигра со својот некогашен партнер од култната тинејџерска серија „Досонов свет“ (Dawson’s Creek) – Џошуа Џексон. По цели 22 години од емитувањето на последната сезона, двајцата актери се здружија за снимањето на новата романтична филмска трилогија „Среќни мигови“ (Happy Hours), чија продукција веќе е започната во Њујорк, објави британскиот весник „Дејли мејл“.

Фановите на популарната серија од деведесеттите години се воодушевени од веста дека „Џои“ и „Пејси“ повторно ќе се појават заедно на големото платно, овојпат во возрасна верзија на љубовна приказна. Новата трилогија, која ја потпишува и ја режира самата Холмс, ќе следи поранешни љубовници кои повторно се среќаваат по многу години и се обидуваат да ѝ дадат втора шанса на љубовта, додека се справуваат со предизвиците на кариерата и семејните обврски.

Кејти Холмс и Џошуа Џексон на снимањето на „Среќни мигови“ / Фото: – / INSTAR Images / Profimedia

Покрај Холмс и Џексон, во актерската екипа се вклучени и Мери Луиз Паркер, Констанс Ву, Џо Типет, Нејтан Дароу, Џона Дијас-Ватсон и Џек Мартин, а меѓу продуцентите се наоѓа и Труди Стајлер, сопругата на Стинг. Холмс ангажирала и долгогодишни колеги како Џон Мекгинти, Доналд Вебер Јуниор и Скај Смит.

„Неизмерно сум благодарна што повторно работам со толку многу драги луѓе на овој проект. Работата со Џош по толку време е доказ за моќта на пријателството. ‘Среќни мигови’ е љубовна приказна што обединува луѓе кои многу ги сакам. Едвај чекаме публиката да го види тоа што го создававме“, напиша Холмс на социјалните мрежи.

Инаку, Холмс (46) и Џексон (47) стекнаа светска слава токму преку серијата „Досонов свет“, што се емитуваше од 1998 до 2003 година. Двајцата беа во врска и во реалниот живот за време на првите две сезони, а Холмс во интервју во 1998 година искрено изјави: „Се заљубив по првпат, и тоа беше нешто неверојатно. Тој денес ми е еден од најдобрите пријатели“.

Во последните години, и двајцата актери поминаа низ развод. Џексон неодамна го заврши петгодишниот брак со актерката Џоди Тарнер-Смит, со која ја имаат ќерката Џуно. Холмс, пак, се разведе од Том Круз во 2012 година, по шестгодишен брак и една ќерка – Сури, родена во 2006 година.

Разводот на Холмс од Круз беше пропратен со многу шпекулации, особено поради влијанието на Саентолошката црква врз бракот. Според наводи во медиумите, актерката прифатила тајна нагодба со која ѝ било забрането јавно да се појавува со нови партнери и да ги запознава со ќерката Сури во период од пет години. Сури денес е тинејџерка, нема контакт со својот татко веќе над една деценија, а неодамна го променила и своето име, од Сури Круз во Сури Ноел, користејќи го средното име на својата мајка.

Го заборави Пике: Шакира се дружеше со Том Круз на Големата награда на Формула 1 во Мајами

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот