ФОТО Двајца од „Монструм“ ќе бидат на слобода, ако помине законот за амнестија

На дел од листата осуденици до која дојдовме, а кои ќе бидат амнестирани ако се донесе законот, се и наводно роднини или блиски на функционери од Алијансата за Албанците, но и Горан Смилевски, осуден за грабеж на банка, Сеат Кочан – осуден за предметот „Трансмет“, како и Карлито Бриганде (Вулнет Маќелара) – борец во ИСИС.

Двајца осуденици за „Монструм“ ќе бидат на слобода ако Собранието го донесе законот за амнестија предложен од министерот за правда Кренар Лога. Ова произлегува од списокот до кој дојде „Слободен печат“ во кој се наоѓаат и Хаки Азири и Фејзи Азири кои се осудени на девет, односно на 15 години затвор за кривичното дело – помагање на сторител по извршено кривично дело. Тие со сигурност ќе бидат опфатени со законот за амнестија ако пратениците го изгласаат, тврди за „Слободен печат“ Насер Рауфи, адвокатот на Фејзи Азири.

Од Министерството за правда велат дека тие немаат список кои од осудените ќе бидат ослободени, односно кои и колкумина сторители на лесни кривични дела ќе бидат ослободени или ќе им се намалат казните за 30 отсто.

Законот за амнестија, по усогласувањето со секторот законодавство, доби зелено зветло од Владата и се очекува деновиве по скратена постапка да влезе во собраниска процедура. Како што веќе објавивме, министерот Лога минатата недела ја напуштил владината седница и се заканил со оставка ако законот не помине на Влада.

Рауфи: Немаат никаква врска со чинот на тероризам

– Кривичното дело како засебно кривично дело помагање на сторител по извршување на кривичното дело ќе биде сигурно опфатено со Предлог-законот за амнестија ако биде донесен. Треба да се направи дистинкција меѓу делата помагање како соизвршител на кривичното дело, тоа е сосема друга состојба. Ова е засебно кривично дело кое ќе подлежи на законот за амнестија што значи дека ќе ги опфати и осудените на временски казни, конкретно во случајот „Монструм“ Хаки Азири и Фејзи Азири. Тие се осудени токму за овие дела, за помагање на сторител по извршување на кривичното дело што, пак, нема никаква врска со чинот на тероризам. Со сигурност се зборува, односно се тврди дека тие ќе бидат опфатени – ни изјави Рауфи.

Според адвокатот, ако законот помине, тогаш двајцата осудени за „Монструм“ ќе бидат ослободени по службена должност, а не на барање на адвокатите, бидејќи во законот таксативно се наведени делата кои не ги опфаќа амнестија.

– Тоа значи дека ова дело го опфаќа. Дистинкцијата е многу јасна правнички, значи не се работи ни за тероризам ни за соизвршителство. Кога би било така, некој вид на соучесништо, помагање, тоа може да не биде опфатено со амнестијата, но тука не е помагање за тоа сторено кривично дело, туку се работи за засебно кривично дело – помагање на сторител по извршувањето на кривично дело. Тоа нема никаква врска со тероризам. Тоа се дејствија преземени и извршени откако некој сторил кривично дело, што не го тангира дејствието на сторителот, туку е друго дејствие. Пост фестум, односно по извршувањето на кривичното дело – вели Рауфи.

Адвокатот смета дека на Фејзи му се останати уште две – три години затвор и дека со усвокјувањето на законот од затвор би излегле и двајцата.

– За Хаки нема сомнение дека ќе излезе оти тој беше осуден на 10 години и веќе е во „претплата“. И Фејзи ќе излезе со сигурност, бидејќи третина од казната е пет години, а тој нема уште пет години, туку помалку – вели Рауфи.

Адвокатот на Хаки Азири, Асмир Алиспахиќ, пак, е повоздржан.

– Не сум го видел законот. Во овој момент не можам да коментирам, бидејќи законот не е донесен во Собранието. Законот може да претрпи модификации – вели за „Слободен печат“ Алиспахиќ.

На дел од листата осуденици до која дојдовме, а кои ќе бидат амнестирани ако се донесе законот, се и наводно роднини или блиски на функционери од Алијансата за Албанците, но и Горан Смилевски, осуден за грабеж на банка, Сеат Кочан – осуден за предметот „Трансмет“, како и Карлито Бриганде (Вулнет Маќелара) – борец во ИСИС.

Според Министерството за правда, целта на законот за амнестија е растоварување на затворите и потребата од јакнење на рехабилитативниот концепт и помагање на процесот на реинтеграција на осудените лица. Од Министерството се децидни дека ќе нема амнестија за тешки кривични дела. Со законот се предлага осудениците на кои им е изречена казна затвор до шест месеци потполно да се ослободат од издржување на казната, а осудените со казна затвор над шест месеци да се ослободуваат од издржување на 30 отсто од целокупната казна.

ВМРО-ДПМНЕ и албанската опозиција ќе го блокираат законот

ВМРО-ДПМНЕ и партиите од албанскиот опозициски блок веќе најавија дека ќе го блокираат законот во Собрание и дека нема да дозволат тој да биде донесен. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека власта носи закон за амнестија на криминалци.

– Да, ние ќе го блокираме, тука не треба да има никаква дилема, зошто овој закон има двојна намена – првата е да ослободат криминалци, дел од нив да добијат намалување делумна амнестија, дел да добијат целосна амнестија и потоа тие исти криминалци да се најдат на улиците и да прават проблеми на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, мислејќи дека на тој начин ќе добијат. Но, ќе ги разочарам, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ има јасна намера да се пресмета со криминалот од каков било облик, дали се тоа вакви криминалци кои што се занимаваат со изнуда, ограбувања, рекетирање, насилство или политичките криминалци кои што денеска се дел од владата – вели Мицкоски.

Како што веќе објавивме, несогласување со ваква форма на законот има и кај пратеници од СДСМ. Владејачката ВМРО-Народна, пак, најави дека ќе бара со амнестија да бидат опфатени и осудените за „27 април“. Во таков случај, од Алијанса за Албанците возвратија дека ќе бараат амнестија и за „Монструм“ и за осудените од „Диво насеље“.

Веќе објавивме дека по измените на Кривичниот законик, и законот за амнестија е дел од пакетот со кои власта се обидува да обезбеди поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени. Според сценариото на власта, кое најверојатно веќе се изјалови по кавгата помеѓу Мицкоски и експремиерот Никола Груевски, планот бил ако ВМРО-ДПМНЕ даде гаранции дека ќе гласа за уставните измени, со амнестија да бидат опфатени и осудените за „27 април“. Според друго сценарио, ако опозицијата ги поддржи уставните измени, можно е да се предложи закон за амнестија само за за осудените од „27 април“.

Петкратното убиство кај Смилковско Езеро се случи на 12 април 2012 година, кога животот го загубија четири момчиња на возраст од 18 до 21 година од скопската населба Радишани, како и 45-годишен рибар од селото Црешево. „Монструм“ имаше две судења, откако во 2017 година Врховниот суд го врати случајот на почеток кај Специјалното јавно обвинителство. Пред две недели, Врховниот суд ги одби како неосновани жалбите на обвинетите за случајот „Монструм“. Со тоа, Врховиот суд ја потврди пресудата на Апелацискиот суд кој лани ги одби како неосновани жалбите на обвинети и ги потврди казните на осудените – доживотниот затвор за Алил Демири и браќата Агим и Африм Исмаиловиќ. На девет години затвор е осуден Хаки Азири, а на 15 – Фејзи Азири.

Ако законот помине, целосно ослободени ќе бидат 286 осуденици, а 996 делумно
амнестирани

Според анализата на Управата за извршување санкции, доставена до Министерството за правда, во моментов 2.114 осуденици издржуваат затворска казна, додека 2.813 чекаат да влезат во затвор. Ако законот помине се очекува да бидат целосно ослободени од затворска казна 286 осуденици и делумно амнестирани 996.
Допрва се анализира од 2.813 осудени кои чекаат на извршување на казната колкумина ќе бидат целосно ослободени, а на колкумина ќе им се намалат казните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот