ФОТО | Болеста на Искра Донева не ѝ е пречка за нормален живот: Можат сè да ми одземат, но самодовербата е таа со која што можам одново сè да изградам

Имам обичај да кажам: јас сум како семенце, фрлете ме каде било, ќе изникнам. Во книгите си го осмислувам светот онака како што мене ми одговара, она што не можам да го направам во реалниот живот, го правам во пишувањето.

Денеска имаме чест да разговараме со една личност, за која искрено не сум сигурна, дали насмевката или секојдневната болка ја прави попрепознатлива. Кога ѝ реков дека сакам да пишувам за неа, беше скептична, ми рече дека имала многу интервјуа и дека кажала сè што има да се каже, па да почекаме кога ќе има нешто ново на професионален план. Но, во спонтаниот разговор кој го водевме, и двете сфативме дека и те како има нешта кои не ги споменала до сега. Тоа е сигурно и причината зошто таа пишува автобиографска книга.

Искра Донева е позната поетеса, хуманитарец и активист.

Фото: Приватна архива

– Родена сум на 20-ти jули 1983 година во Скопје, една среќна среда, на Света Недела. Имаме ист роденден со Александар Македонски Велики. Ракче во хороскоп, подзнак лав со месечина во стрелец. Од ракот имам креативност, склоност кон домот, семејството и емпатија. Од лавот ми е лидерството, јавната работа, визијата, а од стрелецот желбата за авантури и патувања. Сè на сè, добра комбинација. Средно училиште завршив во природно-математичката гимназија Раде Јовчевски – Корчагин поради љубопитноста кон природните науки и желбата да работам со компјутери. Сепак, подоцна преовлада љубовта кон пишувањето и се запишав на Филолошкиот факултет Блаже Конески во Скопје, Катедра за општа и компаративна книжевност. На истиот факултет, подоцна завршив и магистерски студии во областа на романот и филмот. Ова укажува на тоа дека едно од моите хобија, покрај пишувањето, е и филмот, сликањето, фотографирањето, желбата за време поминато во природата, знаење за ѕвездите и астрономијата, патувања, и слично. Сè она што го прави животот убав, возбудлив.

Фото: Приватна архива
Искра има церебрална парализа од раѓање, родена е во седмиот месец од бременоста и ставена во инкубатор во кој снемало струја

– Прво, интересно е што ноќта спроти моето доаѓање,  во очекување на моето раѓање, татко ми направил таписерија „Изгрејсонце,“ што е една своевидна метафора за моето изгрејсонце и за мојот живот подоцна. Инаку, за самото породување била задолжена мојата кума Костадинка Гавазова. Таа вели дека толку сум се борела за живот и искрите светеле во моите очи од првиот миг, што не можела да ми даде друго име, освен Искра. Родена сум во седмиот месец од бременоста со царски рез, извадена на раце, жива, здрава и добра, но подоцна во инкубаторот снемало струја и се случува церебралната парализа, раскажува нашата поетеса.

Фото: Приватна архива
И покрај дијагнозата, Искра била пргаво дете. До свои 3 години немала контрола над своето тело, не можела да седи без потпора, имала големи спазми, ноџињата не можела да ги свитка, ги држела исправени, а газела на прсти. Но, истовремено, како што вели таа, светот го истражувала лазејќи, а подоцна со помагало – одалка, кое сè уште го има, и додава:

– Наоѓав начини да учествувам во сите детски игри, криенки, ластик и други детски палавости, прилагодувајќи ги на своите можности. На пример, во криенка, најчесто јас броев или пак ако јас се криев, тогаш наместо да се брои до 10, се броеше до 100 или до 1000, за да имам време да се сокријам. Ластик држев јас, но важно е дека учествував. Игравме најразноразни улоги како во драмски претстави и слично. Имав весело и среќно детство, бев секогаш насмеано и замечтаено дете, со огромна фантазија. Оттука поттекна и таа желба за пишувањето, да си го осмислам светот онака како што мене ми одговара. Оние работи што не можев да ги направам во реалноста, да ги направам во пишувањето. Никогаш не сум се чувствувала различно, ниту пак сум го поставила тоа прашање зошто сум различна. Едноставно всадено ми беше дека сум нормална, еднаква, здрава и дека самата треба да се борам да го заслужам своето место под сонцето. Прашував само за онаа приказната околу раѓањето што и како се случило. Мене поважно ми беше како понатаму, да се исправам, да станам голема девојка, да бркам дечковци – иднината, не минатото.

Фото: Приватна архива
Првите училишни денови, како гледаат врсниците на вас? Тогаш и во текот на тинејџерските денови, имаше ли „чудни“ погледи и коментари?

– За моите први училишни денови да изгледаат нормално, да бидат среќни и исполнети беше заслужна мојата драга учителка Љупка Пајковска, ја доживував кaко втора мајка. Таа, пред моето доаѓање во класот, им објаснила на другарчињата каква е мојата состојба, дека треба да се дружиме, да се радуваме заедно, да помагаат и дека едноставно не сум поинаква од нив и да ме прифатат таква каква што сум. Така и беше, имавме многу убави дружби, одења по екскурзии. Најубавите спомени ми се од училиштето. Мојот став бил секогаш проактивен кон луѓето. Во случај тие да не знаеја како да се однесуваат со мене или како да ми помогнат, јас бев таа што ги поттикнуваше, што отворено зборуваше за мојата состојба, им објаснуваше сè што не им е јасно. Не дозволував да поминат тие чудни погледи. Напротив, многу сум била ценета, потпомагана и препозната од другите луѓе како инспирација. Тинејџерските години беа поинакви. Корчагин, во тоа време беше училиште кое што бараше многу посветеност, па многу време поминувавме во учење и имавме помалку време за дружби отколку што би сакале. Помагаа сите, и самите деца, другари, сокласници, но требаше време да се созрее од аспект на љубови и други поинакви начини на комуницирање. Но, на матурската вечер надоместив за сè. Првпат се дотерав толку свечено, танцував со сите, и ора, и танго, и диско, до последни сили.

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Со оглед на нејзината здравствена состојба, логично е да претпоставиме дека Искра имала извесни ограничувања во однос на социјалниот живот. Еве како раскажува Искра за тој период од животот:

– Вообичаено, не сум дозволила, попреченоста да ми смета во нормалениот живот. Во принцип, секогаш се однесував како повозрасно, поодговорно дете.  Бев предвремено созреана на некој начин. А секако уживав во тие тинејџерски излегувања, први ми беа во градскиот трговски центар, во кафулињата што тогаш беа ИН, во ноќните клубови, во кино, пицерија можеби некоја. Сè со мерка, со добар вкус и во името на забавата. Пијанства не ми се имаат случено во вистинска смисла на зборот, затоа што секогаш сум си ја знаела мерката и тоа било чашка или две, за расположение или да се наздрави. Се случило два, три пати да имам мали незгоди, на пример на десет години матура, откако излеговме од прославата, самиот студен воздух ме пресече, па додека си дојдов дома ми беше сè смешно. Или пак, пред неколку години, славејќи го својот роденден, ми направиле појак пијалок во кафулето и така после ми требаше три пати да се трезнам од него. Во студентските денови ми беа актуелни сите културни настани што се случуваа во градот. Не пропуштав ништо, било да е тоа изложба, кино, театар, поетски, музички перформанси, концерти. Едноставно посетував сè што беше убаво и интересно во градот, а најчесто присуствував на оние настани што беа организирани од францускиот културен центар. Задоволна сум, етаблирана во социјалниот живот на Скопје и Македонија, па и пошироко, призната како поетеса. Од пред десетина години, уживам во некоја фаза на Казанова, со едни поинакви квалитети. Значи, моето мото е дека си ги правам сите работи, па можеби и подобро од моите врсници, и позачестено и поисполнето, само можеби на поинаков начин или со одредена помош која секогаш сум ја добивала.

Фото: Приватна архива
Очигледна е самодовербата со која зрачи Искра, а за која вели дека е нејзин темел за сите животни успеси. Вели дека истата се должи на начинот на кој била воспитувана од нејзините родители, имено дека таа е нормална и здрава личност која мора да се бори за сè што сака да постигне, и продолжува:

– Јас тргнувам од тоа дека нема што да изгубам, можам само да добијам. Секогаш предвид ја имам целта, која ми ја дава сета неопходна сила и енергија да ги поминам сите препреки и да го добијам она што го сакам. Со секој успех, таа е се поголема и поголема. Можат сè да ми одземат, но самодовербата е таа со која што можам одново сè да изградам. Имам обичај да кажам: јас сум како семенце, фрлете ме каде било, ќе изникнам.

Фото: Приватна архива
Сите ние сме сведоци, дека на работните места постојано некој од нас се жали дека нешто го боли, дека денеска не се чувствува добро, секојдневни „офкања“ и „лелекања“. Оттука, одлуката на Искра воопшто да побара работа ја сметам за еден херојски чекор, бидејќи таа има реални и огромни болки секојдневно. Еве ја приказната за нејзиното вработување:

– Се вработив 2008-та, пролетта, со многу ентузијазам.  Првите опции што ги посакував, беа Народната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ и Институтот за литература, но не беа архитектонски пристапни за моите потреби. Потоа се укажа прилика да се јавам на јавен оглас на Градот Скопје каде што се потрудив регрутерите да ги убедам дека им треба лице како мене за да имаат перспектива за убави проекти за градот. Мојот талент за пишување и искуството како лице со пореченост, како корисник, а подоцна и како управител на невладина организација мошне умешно ги користам на моето работно место за да се направат проекти со кои што ќе се олесни животот на лицата со попреченост во градот. Од старт имав голема поддршка од тогашниот градоначалник, г. Трифун Костовски, а исто така и од моите претпоставени, и продолжува во однос на комуникацијата со колегите:

– Со колегите и останатите од околината имавме периоди на запознавање, на приспособување, што е вообичаено и за останатите луѓе. Нашите односи се темелат, пред сè, на длабоко, взаемно почитување, разбирање, функционираме како еден исклучителен добар тим на којшто сум горда. Сепак, мислам дека имам уште многу што да покажам и што да дадам во насока на развивање на мојата кариера, за да се искористи целиот мој потенцијал и да бидат вреднувани повеќе моите идеи, заложби и труд.

Фото: Приватна архива
Две работи се дел од вашето секојденевие: огромните болки и неодоливата насмевка. Со кое од овие вие лично повеќе се идентификувате?  

– Впрочем, јас отсекогаш сум ги гледала предизвиците во мојот живот, само како една стапка до успехот, до среќен живот, до насмевки.. Во последно време се нанижаа голем број на несреќи, загуби, но јас се трудам да наоѓам еден убав креативен начин за да направам катарза од истите, да напишам песни, да насликам, да продлабочам некои пријателства. Секое лошо за добро е. Насмевката прави сè да биде подобро, таа е секогаш мојот заштитен знак, но не секогаш значи дека ако човек е насмеан, дека се му е мед и млеко, и подредено.

На еден од порталите изјавивте дека чекате да ви се случи вистинската љубов. До кога ќе ја чекате и дали, со оглед на тоа што сакате да се реализирате како мајка, би се одлучиле да забремените од непознат донор? Што ви е имено поважно, да станете мајка или да го пронајдете „принцот“?

Принцот ми избега во 2015 година, не го чекам повеќе. Го чекам оној кој што ќе се случи, ќе остане, ќе издржи, ќе ме поддржи, ќе поднесе и ќе разбере.  Оној кој ќе ми даде крилја и со кого ќе можеме заедно да растеме, да се развиваме, и да уживаме во животот. Засега, уживам во својот сингл статус, учам многу нови нешта за себе, растам и се подготвувам да станам онаква партнерка каква што би сакала да бидам. За родителството, искрено се надевам дека ќе биде комплетен пакет, значи мајка, татко и дете. Сепак, иднината е непредвидлива, па препуштив како што ќе се случи, да се случи. Приоритет ми е да бидам мајка и ќе направам сè за да го остварам тоа нешто. Не сум сигурна колку законите, докторите, и општеството во Македонија е подготвено за мајка со попреченост да има дете со непознат донатор, но едноставно сите опции се отворени, па како испадне, испадне, се надевам на најдоброто.

Видео на денот