Гленда Акин / Фото: Фејсбук/Средното училиште Вестморленд

ФОТО | Американска наставничка сруши Гинисов рекорд: Предавала повеќе од 60 години во исто училиште

Наставничка од американската сојузна држава Тенеси испиша историја во образованието, откако по повеќе од шест децении работа во исто училиште замина во заслужена пензија и постави светски рекорд, објави „Пипл“.

Гленда Акин го собори рекордот на Гинисова книга на рекорди за „најдолг наставнички стаж во исто училиште (жена)“, со неверојатни 61 година и 43 дена поминати во училница. Таа официјално се пензионираше на 13 септември 2024 година, по кариера која започнала уште во 1963 година.

Акин целиот свој професионален живот го поминала во Средното училиште Вестморленд, во градот Вестморленд, каде што предавала општествени науки и работела како библиотекарка. Нејзината посветеност и континуитет ја направија една од највпечатливите фигури во историјата на училиштето и пошироката заедница.

Фото: Фејсбук/Средното училиште Вестморленд

Училиштето го одбележа нејзиниот успех со свечен настан и објава на социјалните мрежи, во која беше истакнато дека Акин „остави незаборавно наследство во училиштето и заедницата“, нагласувајќи дека со својот труд и љубов кон образованието обликувала генерации ученици.

„Неверојатно сме горди што можеме да објавиме дека госпоѓа Гленда Акин официјално доби Гинисов рекорд за најдолга кариера како наставничка во исто училиште. Со 61 година и 43 дена посветена служба, нејзината животна мисија во образованието обликуваше генерации ученици и остави незаборавно наследство во нашето училиште и заедница“, стои во објавата.

Во чест на нејзината долготрајна служба, училишната библиотека беше преименувана во „Библиотека Гленда Акин“. На посветената плоча стои порака дека нејзините шест децении работа засекогаш ќе останат запаметени во животите на нејзините соработници и ученици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот