Вештачка интелигенција/ Илустрација: Пиксабеј

Фондот за иновации финансирал 48 проекти за ВИ вредни над 6 милиони евра, а ниту еден не функционира

Оттаму велат дека недостасуваат понови генерации на суперкомпјутери, стабилни дата центри и специјализирани системи за обработка на големи податоци, што ја ограничува подготвеноста на земјата за примена на ВИ во јавниот сектор.

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на информациските системи како ревизија на успешност на тема „Можности за употреба на Вештачка интелигенција во јавниот сектор” со цел да оцени дали јавниот сектор е подготвен за користење на вештачка интелигенција во своите активности и нотираше низа пропусти и недоволен развој на ВИ во државата и во јавниот сектор и посочи дека од 48 државно финансирани проекти за ВИ во вредност од над 6 милиони евра, ниту еден не е во функција.

Нема Национална стратегија за употреба на ВИ во јавен сектор

Иако вештачката интелигенција е препознаена како значаен фактор за дигиталната трансформација, ревизијата утврди дека Национална стратегија и законска регулатива за утврдување на правилата за имплементација на проекти со вештачка интелигенција во јавниот сектор не е донесена.

Собранието на  Македонија на седницата одржана на 27 јуни 2025 година го донесе Закон за безбедност на мрежни и информациски системи со кој се уредува безбедноста на мрежните и информациските системи, надлежните органи за безбедност на мрежните и информациските системи, мерките за безбедност на мрежни и информациски системи и за управување со ризикот за сајбер безбедност, како и други прашања поврзани со безбедност на мрежни и информациски системи.

Употребата на вештачката интелигенција се споменува во повеќе стратешки документи, но најчесто како дел од пошироки цели, без придружни акциски планови и без координиран пристап. Вложувањата во ИКТ инфраструктура за напредни истражувачки ресурси, како што се суперкомпјутери, специјализирани сервери за обработка на големи податоци и машинско учење, развој на технолошки центри, се незначителни и придонесуваат за намален интерес за проекти со користење на вештачка интелигенција.

Фондот за иновации финансирал 48 проекти за ВИ, ниту еден не е воведен во јавниот сектор

И покрај тоа што не е донесена национална стратегија, ниту законска рамка за примена на ВИ во јавниот сектор, во периодот од 2018 до 2023 година, преку Фондот за иновации и технолошки развој се финансирани 48 проекти со елементи на ВИ во вкупна вредност од 6.110.044 евра.

Ниту еден од поддржаните проекти за ВИ не е имплементиран во јавниот сектор. Недоволната промоција и отсуство на јавен регистар на проекти за ВИ ја ограничуваат нивната видливост, следливост и примена, што негативно влијае врз можностите за нивна имплементација, популаризација и понатамошни вложувања во јавниот сектор, велат ревизорите.

Во вкупно 12 области – авионска индустрија, авто/агро индустрија, ветерина, е-бизнис, енергетика, здравство, ИТ / финансии, ИТ/ образование, јавен сектор, правен сектор, производство и финансии, кофинансирани се по еден проект поврзан со вештачка интелигенција.

Иако Владата во 2023 година го промовираше првиот дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција АДА, со цел зголемена транспарентност и подобра информираност за инвестициските можности, алатката веќе не е во функција, и покрај вложените 150 илјади евра, една од причините е што не е продолжен договорот со економскиот оператор кој ја изработил и ја одржувал апликацијата.

Отсуство на сеопфатна дигитална инфраструктура

Иако 96,99 отсто од населението е покриено со „5-Џи“ мрежа, а над 68 проценти од домаќинствата имаат пристап до фиксни мрежи со многу висок капацитет, Македонија сè уште не располага со современа и сеопфатна дигитална инфраструктура што е предуслов за примена на вештачка интелигенција.

Оттаму велат дека недостасуваат понови генерации на суперкомпјутери, стабилни дата центри и специјализирани системи за обработка на големи податоци, што ја ограничува подготвеноста на земјата за примена на ВИ во јавниот сектор.

И покрај најавите, сè уште не е изграден технолошкиот парк во Скопје, а постојните иницијативи остануваат недовршени. Ова укажува на итна потреба од вложувања во инфраструктура што ќе овозможи сигурна, доверлива и ефикасна примена на новите технологии, во согласност со европските регулативи и стратешките цели за дигитална трансформација.

Ограничената достапност на отворени податоци, слабата координација со меѓународните тела и ниската институционална подготвеност претставуваат сериозни пречки за развој на вештачката интелигенција во државата. Пристапот до отворени, структурирани и машински читливи податоци од јавниот сектор е еден од клучните предуслови за развој на системи базирани на ВИ.

Македонија на средина во регионското рангирање за подготвеност за користење ВИ во јавен сектор

Во поглед на подготвеноста за користење на ВИ во јавниот сектор, постојат повеќе истражувања и рангирања.

На глобалниот индекс за одговорно користење на вештачка интелигенција (GIRAI) за југоисточна Европа, нашата земја се наоѓа на 6-тото место од рангираните 9 држави.

Од друга страна, според Глобалниот индекс на иновации (GII) за 2024 година, Македонија бележи пад за четири позиции од 54 на 58 место. И индексот за подготвеност за Вештачка интелигенција на ММФ ја позиционира Македонија на 77 место од 174 држави, што укажува дека иако постои потенцијал, потребни се значителни подобрувања во дигиталната инфраструктура, човечкиот капитал, иновациите и економската интеграција, како и регулативата и етиката во доменот на вештачката интелигенција.

Универзитетите со значаен придонес кон развојот на ВИ

Универзитетите во државата играат значајна улога во развојот на човечки капацитети за развој на вештачката интелигенција, но недостига системска поврзаност со јавниот сектор и заедничка платформа за соработка. Според добиените одговори од 6 високообразовни институции, најголем капацитет имаат ФИНКИ и ФЕИТ при УКИМ, со вкупно над 1.700 дипломски, 220 магистерски и 37 докторски трудови поврзани со ВИ.

Дел од универзитетите учествуваат во NLP проекти како TTS-MK и ChatMed. Сепак, недостасуваат јавен регистар, формализирани програми за преквалификација, и централизирана евиденција на кадри обучени за ВИ, со што се ограничува потенцијалот за координиран развој на оваа клучна област.

Проектите за обработка на природен јазик (NLP) претставуваат значајни чекори кон локален развој на вештачка интелигенција, со фокус на зачувување и практична примена на македонскиот јазик.

Моделот „Буки“, развиен од УКИМ во 2024 година, овозможува автоматска транскрипција на говор во текст со интерпункција и граматика, применлив во образованието, јавната администрација и за лица со попреченост.

Во рамките на пилот проектот за бројот 112, се користи ВИ за реално временска анализа и препораки при итни повици, но неговата целосна имплементација е ограничена поради дополнителни финансиски барања и недостиг на правна и техничка рамка.

Овие иницијативи ја покажуваат потребата од посветени инвестиции, јазична адаптација и институционална поддршка за да се искористи целосниот потенцијал на ВИ во критични области од јавниот интерес.

Агенцијата за заштита на личните податоци не гарантира целосна безбедност на податоците

Иако законодавната рамка за заштита на личните податоци е усогласена со GDPR на ЕУ, ревизијата утврди дека примената на овие стандарди при имплементација на ВИ проекти е недоволна и ризична. Проектите како системот 112, каде што се тестира транскрипција и превод во реално време со ВИ, бараат посебна проценка на влијанието врз приватноста (ПВЗЛП), а таквата практика сè уште не е систематски воспоставена.

Агенцијата за заштита на личните податоци не располага со доволни капацитети за надзор и не е вклучена ниту во подготовка на секторски закони. Според Извештајот на Европската комисија за 2024 година, „не е постигнат напредок во заштитата на личните податоци“, при што се нотира слабата координација, нефункционално следење на препораките и недоволна отчетност од институциите“.

Во отсуство на соодветна национална законска регулатива за ваквите проекти усогласена со Законот за заштита на личните податоци, не може да се гарантира заштита на личните податоци на граѓаните. Иако правната рамка за заштита на лични податоци е усогласена со ЕУ, потребни се ефикасни контролни механизми при примена на ВИ технологии.

Државата располага со основа за развој на етички стандарди при имплементација на вештачка интелигенција, но засега не постои формализиран и сеопфатен механизам кој ги регулира сите етички аспекти.

Иако Агенцијата за заштита на лични податоци има улога во надзорот на приватноста, потребни се дополнителни институционални и правни механизми што ќе обезбедат етичка, транспарентна и недискриминаторска примена на ВИ од страна на јавниот сектор и во согласност со европските стандарди.

Според ДЗР, потребни се значителни подобрувања во дигиталната инфраструктура, човечкиот капитал, иновациите и економската интеграција, како и регулативата и етиката во доменот на вештачката интелигенција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот