Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Фирми за брзи кредити треба да им враќаат пари на граѓаните, им ги собирале незаконски

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска откри низа неправилности во работењето на финансиските друштва. Ќе се менува и регулативата

Годинава се склучени 228.880 договори со финансиски друштва, а најголем дел се за брзите кредити. Но, ова не значи дека толку луѓе земале такви кредити, затоа што еден човек може да има повеќе договори. Вредноста на вкупните договори е 132 милиони евра, а во нив се и парите земени од 508 фирми во износ од околу 20 милиони евра.

Ова се податоците што ги презентираше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешниот брифинг со новинарите потенцирајќи дека тимови на Министерството спроведуваат засилени контроли кај финансиските друштва и наоѓаат многубројни незаконитости.

– Кај дел од граѓаните што земале брзи кредити е надминат законскиот лимит за наплатен трошок. Имаме такви ситуации, дадени се прекршочни налози, но тенка е линијата меѓу тоа дали да дадете прекршочна пријава или да одземете лиценца. Но, ако одземете лиценца, ќе ги оставите граѓаните без тие пари што се обврзани да им ги вратат друштвата, а бројката е голема – вели министерката.

Од 2018 година, со законски измени се ограничија вкупните годишни трошоци за потрошувачки кредити и „годишната стапка на вкупни трошоци може да биде најмногу петпати повисока од стапката на законската казнена камата утврдена во согласност со Законот за облигациони односи за договорите во кои барем едно лице не е трговец“. Стапката на казнената камата во денари во договорите во кои барем едно лице не е трговец, за периодот од 1 јули до 31 декември годинава изнесува 13,35 проценти, објави Народната банка. Ова значи дека ако сега некој земе брз кредит за 20.000 денари, најмногу што може банката да му наплати се трошоци од 66,7 проценти од земениот кредит. Во 2018 година, пак, кога се воведоа законските измени, поради помалата казнена камата, горниот лимит за трошоци беше 55 проценти од кредитот.

– Оние што земале повеќе пари, мора да им ги вратат на граѓаните – децидна е министерката.

Од Министерството за финансии велат дека ја следат и состојбата за тоа колкави износи како кредит издавале финансиските друштва во согласност со Методологијата што првпат е воведена за кредитната изложеност од пред две години за да нема презадолжени граѓани.

– Забележани се разни неправилности околу заштитата на потрошувачите, нетранспарентност во договорите, на обврските што ги преземаат потрошувачите и тука реагираме жестоко. При спроведените контроли, забележавме различни брендови што се под лиценцата на едно финансиско друштво, со што се доведуваат под заблуда потрошувачите. Тоа за нас е доволно укажување за да веднаш направиме измена во регулативата. Вонтеренскиот и теренскиот надзор сега не само што ни резултира со прекршочни налози и со иницијативи за одземање лиценца, резултира и со потреба од измена на регулативата – појасни државниот секретар во министерството за финансии Андриана Матлиоска.

Од Министерството информираа и дека со ФИНКИ соработуваат за софтверско решение – сите финансиски друштва да ги пополнуваат податоците во реално време за да може да се реагира побрзо и полесно.

Во моментов има 26 финансиски друштва. Тие работат со свој капитал, а не со депозити на граѓани и на фирми и нивниот капитал е околу 170 милиони евра.

Затвореник во „Идризово“ и ортачка зеле седум брзи кредити со податоци украдени од штипјанка

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот