„Финале пред финалето“ – Шпанија и Франција го продолжуваат големото ривалство на Мундијалот
Кој ќе биде првиот финалист на Мундијалот?
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Франција и Шпанија вечерва од 21 часот во Арлингтон ќе ги одмерат силите во првото полуфинале на Светското првенство. На теренот ќе излезат две репрезентации со сосема различна фудбалска филозофија, но со иста цел – пласман во големото финале. Токму затоа многумина овој дуел го нарекуваат „финале пред финалето“.
Од една страна е Шпанија, која во текот на целиот турнир воодушевува со својот технички дотеран, доминантен и напаѓачки фудбал. „Црвената фурија“ има најголем посед на топката од сите репрезентации на шампионатот и преку трпелива игра постојано ги принудува противниците да трчаат без топка. Од друга страна е Франција, која можеби не игра најатрактивно, но повторно покажува зошто е една од најуспешните репрезентации на големите турнири. „Триколорите“ се потпираат на брзи транзиции и индивидуалниот квалитет на своите ѕвезди.
Очекувањата се Шпанија да го контролира поседот, додека Франција ќе ја чека својата шанса преку контранапади. Токму затоа ова полуфинале нема да биде само битка за место во финалето, туку и пресметка меѓу две различни фудбалски филозофии.
Луис де ла Фуенте успеа да ја врати Шпанија на самиот врв на светскиот фудбал. По освојувањето на европската титула, искусниот стратег создаде тим кој не се потпира само на индивидуалниот квалитет, туку пред сè на колективот. Неговата филозофија е едноставна – фудбалот е тимска игра што ја градат добри, дисциплинирани и пожртвувани играчи.
Шпанскиот селектор не го промени препознатливиот стил на игра, туку само го надгради. Покрај препознатливиот посед на топката, Шпанија денес е многу поопасна во транзиција, потактички разновидна и далеку поцврста во дефанзива. Не случајно еден член на стручниот штаб на Португалија по елиминацијата изјави дека Шпанија е „најлесниот тим за анализа, но и најтешкиот за победување“.
Сепак, Шпанците имаат и една слабост. Иако создаваат многу шанси, често не се доволно ефикасни пред противничкиот гол. Микел Ојарзабал и Микел Мерино добро ги извршуваат своите улоги во нападот, но реализацијата не секогаш е на посакуваното ниво, па токму тоа би можело да биде пресудно против Франција, која ретко простува грешки.
Посебно внимание ќе биде насочено кон Ламин Јамал. Иако има само 19 години, крилниот напаѓач веќе е една од најголемите ѕвезди на светскиот фудбал. На турнирот сè уште не го покажа целиот свој потенцијал, делумно и поради повредата што ја заработи на крајот од клупската сезона, но вечерва ќе има идеална можност да блесне.
Од другата страна, Франција располага со можеби најсилниот напад на турнирот. Килијан Мбапе е во извонредна форма и веќе има осум погодоци, додека Мајкл Олисе е еден од најкреативните фудбалери на шампионатот со пет асистенции. Заедно со Усман Дембеле, тие претставуваат огромна закана за секоја одбрана. Дополнителна предност за „триколорите“ е тоа што досега примија само два гола, што доволно говори за нивната дефанзивна стабилност.
Иако Франција влегува како благ фаворит поради формата што ја прикажува, Шпанија има причина за оптимизам. „Црвената фурија“ ги доби последните две нокаут-пресметки против Французите и верува дека може повторно да ја продолжи успешната традиција.
На крајот, сè може да зависи од неколку детали. Ако Шпанија успее да ја одземе топката, да ги спречи француските контранапади и биде поконкретна пред голот, ќе има одлична шанса да избори место во финалето. Но, за тоа ќе ѝ биде потребен речиси совршен натпревар и инспирирано издание на Ламин Јамал. Од друга страна, доколку Франција го наметне своето темпо и ги искористи шансите што ќе ѝ се укажат, уште еднаш ќе потврди дека на големите турнири пресудни се зрелоста, трпението и максималното користење на секоја можност.
Поставите за натпреварот:
🚨 𝗢𝗙𝗙𝗜𝗖𝗜𝗔𝗟: Spain and France starting XI for the World Cup Semi Final! 🇪🇸🇫🇷 pic.twitter.com/TBifjhm9aV
— The Touchline | 𝐓 (@TouchlineX) July 14, 2026
Родри: „Франција е меѓу најдобрите, но и Шпанија е во одлична форма – можеме да ги победиме“


