Филмаџиите најавуваат протест ако Министерството за култура го скрати буџетот за филмска дејност

Министерство за култура - табла / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Над 50 македонски режисери и продуценти преку отворено писмо до јавноста го изразија својот револт до Министерството за култура заради кратењето на предвидениот годишен буџет за филмска дејност, како што нагласуваат, без никаква најава или консултацци со Агенцијата за филм.

Филмаџиите неофицијално дознале дека меѓудругото, во предлогот што Министерството за култура го доставило до Владата на Република Северна Македонија се наведува дека Министерството нема да дозволи ниту користење на средствата од сопствената сметка на Агенцијата за филм на која се акумулираат средства од различни извори.

-Доколку овие информации се точни и истите бидат изгласани во Собранието на РСМ, ќе дојде до целосно блокирање на филмската дејност, бидејќи наведените средства се планирани за проекти од национален интерес кои се во тек на реализација. На овој начин се нанесува штета на и онака кревката филмска индустрија во Македонија и се доведува во прашање егзистенцијата на филмските автори, продуценти, филмски работници, актери и сите останати учесници во процесите на реализација на филмските проекти. Блокирањето на овие филмови доведува до голема штета врз македонската кинематографија и на интернационално ниво, бидејќи во проектите учествуваат меѓународни продукции кои се финансирани од национални европски фондови и Еуримаж – најголемиот фонд за европски копродукции формиран во рамките на Советот на Европа, алармираат македонските филмаџии.

Тие укажуваат дека континуираната пракса на кратењата на буџетот за филмска дејност на Агенцијата за филм во последните години доведува до системско уништување на дејноста, наспроти зголемувањето на содржините и буџетите во цела Европа.

-Сето ова се случува во годините кога македонскиот филм ги постигнува најголемите успеси на интернационално ниво. Од Министерството за култура бараме повлекување на предлогот за кратење на средства за филмска дејност во тековната 2023 година и овозможување на користење на средствата од посебната сметка на Агенцијата. Во спротивно, ќе немаме друг избор освен нашиот револт да го изразиме со протести и со повлекување на нашите филмови и ТВ серии од кината, платформите и телевизиите во Република Северна Македонија. Се надеваме дека нема да бидеме доведени до оваа ситуација и дека предлогот за кратење на средствата за производство на филм ќе биде повлечен од страна на Министерството за култура, се вели на крајот на петицијата која ја потпишаа 53 реномирани македонски филмски и театарски режисери и продуценти.

Меѓу потпишаните се и наградуваните и светски познатите режисери Тамара Котевска, Теона Митевска, Ѓорче Ставрески, Даријан Пејовски, Вардан Тозија, Дина Дума, Марија Апчевска, Игор Иванов, Георги Унковски, Андреј Волкашин, Срѓан Јанакиевиќ, Елеонора Венинова и многу други.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот