Филипче: ВМРО-ДПМНЕ свесно ги турка граѓаните во сиромаштија
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека граѓаните во пресрет на еден од најтешките месеци во годината се соочуваат со сурова економска реалност – раст на цените и стагнација на платите.
Препорачано
„ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски свесно ги туркаат граѓаните во сиромаштија. Ја прекинаа спиралата на раст на платите што ја започна СДСМ. Инфлацијата од 4,8% секој месец го јаде животниот стандард – граѓаните живеат полошо“, вели Филипче.
Тој посочи дека иако власта се фали со бројки за наводен раст на платите, реалноста покажува дека реалната плата во јуни пораснала за само 3,8%, додека лани, со политиките на СДСМ, растот бил 11%.
„Првпат по долго време имаме пад на просечната плата во споредба со претходниот месец. Ова е аларм што не смее да се игнорира“, додаде тој.
Филипче потсети дека синдикалната потрошувачка кошничка за август изнесува над 65.000 денари, а дури и две минимални плати не се доволни за да се покријат месечните трошоци.
„Македонија се претвора во земја на сиромаштија и неизвесност. СДСМ знае како да ја врати стабилноста и достоинството на граѓаните. Нема да отстапиме од предлозите за покачување на платите во сите сектори, зголемување на минималната плата на 500 евра и намалување на цените преку укинување на ДДВ за основните прехранбени производи. Битката за поголем приход е битка за достоинствен живот“, порача претседателот на СДСМ.


