Филипче повикува на обединување и борба за иднината на Македонија
Лидерот на опозициската партија Венко Филипче упати честитка по повод 8 Септември – Денот на независноста, во која повикува на политичко и државничко освестување и заштита на државните интереси.
Препорачано
„Државата е на граѓаните. Таа е нашиот дом – нашето семејство, маало, општина и заедница. За нашиот дом мораме сите да се бориме. Македонија е и на оние што останаа овде, и на оние што заминаа, ама не заборавија. Мораме да ја чуваме оваа држава, затоа што немаме друга“, порача Филипче.
Тој нагласи дека патриотизмот не се мери само со знаме и химна, туку со грижа за чистата животна средина, помош за послабите и посиромашните, како и со фер институции и праведно судство.
„Државата не се брани само со оружје, денес заканата е од корупцијата, неправдата, дискриминацијата и сиромаштијата“, истакна лидерот на опозицијата.
Филипче оцени дека изминатата година државата не се движи во добра насока и се соочува со закани како масовно иселување и економско девалвирање. Тој порача дека сега е време за чекор напред кон стабилна иднина што нема да зависи од политичката власт.
„Следната цел е членството во Европската Унија, единствениот пат кон стабилност, владеење на правото, заштита на работниците и подобри стандарди за економијата. Ако во 1991 се изборивме за независност, сега треба да се избориме за иднината“, порача Филипче.


