Филхармонија ќе го изведе концертот „Мистика“ со музика на Пјетро Маскањи

Концертот ќе се одржи на 14 декември, со почеток во 20 часот

Оркестарот на Македонската филхармонија на 14 декември, со почеток во 20 часот, ќе го изведе концертот насловен „Мистика“, посветен на опусот на италијанскиот композитор Пјетро Маскањи.

На програмата се Интермецо „Il sogno“ од операта „Гуљелмо Ратклиф“, Интермецо од операта „Пријателот Фриц“ и музиката за филмот „Сатанска рапсодија“, кој во соработка со Кинотеката на РС Македонија паралелно ќе се прикажува во текот на изведбата. Диригент е Масимилијано Калди од Италија.

– Пјетро Маскањи е италијански композитор и диригент (1863-1945). Музика учел во родниот град Ливорно и на Конзерваториумот во Милано. По завршувањето на студиите настапувал како диригент низ повеќе италијански градови. Стекнувајќи животни искуства, увидел колку вистинскиот живот се разликува од она што романтизмот привидно го покривал во музиката и сосема јасно ја воочил перспективата, новиот пат по кој треба понатаму да се движи и да се развива музичката драма – истакнуваат од НУ Филхармонија.

Постепено ослободувајќи се од влијанието на Вагнер, тој, врз основа на новиот реалистичен правец веризам, го напишал своето најдобро дело „Кавалерија Рустикана“, со која на 27 години ја освоил првата награда во конкуренција од 73 дела, на конкурс за најдобра опера во еден чин.

Со својата музика богата со колоризам и белканто пеење, со мелодиското богатство и интересно користените хармонски ефекти, Маскањи отворил нов прозорец во италијанската оперска музика. Иако напишал 14 опери, три оперети и повеќе вокални дела, кантати и соло песни, ниту една опера не го постигнала успехот што му го донела „Кавалерија Рустикана“, која извршила големо влијание на неговите современици.

Маскањи често знаел да каже дека „Гуљелмо Ратклиф“ е неговата најдобра опера. За жал, таа никогаш не влегла во железниот оперски репертоар, а една од причините за тоа е и „тежината“ на музиката што ја напишал за главната улога, една од најкомплексните партии напишани за тенор.

„Пријателот Фриц“ е опера во три чина, која премиерно била изведена во 1891 година. Иако оваа опера имала голема популарност во времето кога била напишана и по „Кавалерија Рустикана“ е едно од најпознатите дела на Маскањи, денес таа ретко се изведува на светските оперски подиуми. Токму интермецото е еден од најизведуваните фрагменти од операта и често се изведува самостојно на концертните подиуми.

„Сатанска рапсодија“ е нем италијански филм од 1915 година во режија на Нино Оксилија, со актерката Лида Борели. Италијанскиот композитор Пјетро Маскањи е автор на музиката во овој филм и ја диригирал премиерата на филмот, во 1917 година. Во 1910 година, во италијанскиот филм се случуваат значајни естетски поместувања и се прифаќа како легитимен уметнички медиум. Многу филмови од 1910, вклучуваат референци со други медиуми, како литературата, театарот, танцот и операта преку кои ги потенцираат разликите и сличностите меѓу филмот и останатите уметнички медиуми. Иако овие референци биле составен дел од филмовите уште од раните денови на кинематографијата, нивна примарна културолошка функција била да го подобрат прифаќањето на филмовите.

Во овој контекст „Сатанска рапсодија“ на режисерот Нино Оксилија, и музика на Пјетро Маскањи, има посебно место во италијанската кинематографија. Во овој период филмот честопати знаел да се споредува со музичките драми на Вагнер. Иако оваа компарација се користела најмногу за комерцијални цели, „Сатанска рапсодија“ во себе интегрира препознатливи референци од литературата и музичкиот театар. Она што е најзначајно е фактот дека овој филм во себе ја интегрира оперската сензација како составен дел од целокупната естетика и форма.

Оваа оперска сензација не се креира само преку музиката на Маскањи, туку примарно преку врската меѓу сликите и музиката и останатите имплицитни референци. Со вклучувањето на друг медиум во филмот, „Сатанска рапсодија“ во тоа време важела за уникатен пример кој во себе обединува два моќни уметнички медиума. Филмот „Сатанска рапсодија“ докажал дека кинематографијата може да продуцира високи уметнички вредности на буржоаската публика од тоа време.

Масимилијано Калди (Милано, 1967) е диригент со интернационална кариера на полето на симфониската музика, опера, оперета и балет, како и со својот фокус кон современата музика и повторното оживување на операта од 19 век. Калди е диригент кој поседува врвна професионалност и светол и линеарен диригентски стил. Добитникот на првата награда на интернационалниот натпревар „Г. Фителберг“ е шеф-диригент на Филхармонијата во Жежов и прв гостин диригент на филхармонијата „Ф. Шопен“ во Гданск. Бил шеф-диригент и уметнички консултант на Филхармонија во Кошалин, Полска и уметнички директор на камерниот оркестар „Милано Класика“ (1998-2009).

Во последните десет години настапува на турнеи во Израел, Ома, САД, Чиле, Бразил, Германија, Русија и Турција. Активен е во оперската сфера, во 2017 година го диригира „Севилскиот берберин“ од Росини, „Набуко“ од Верди, „Ластовичка“ на Пучини во Варшава, на 19. издание на Велигденскиот фестивал „Лудвиг ван Бетовен“, „Мефистотел“ со филхармонискиот хор и оркестар „А. Рубинштајн“ во Лоѓ.

Музиката за филмот „Сатанска рапсодија“ од Пјетро Маскањи ја диригираше во театарот во Познан во рамките на „Светската недела на италијански филм“. Диригирал во Берлин, Москва, со Државниот симфониски оркестар на Истанбул, како и со Филхармонискиот оркестар на Санкт Петербург, извести музикологот Ангелина Димоска од НУ Филхармонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот