Изложбата „Цртеж. Експериментален цртеж“ на ДЛУМ е поставена во куќата на Борко Лазески

Отворање на изложбата во куќата на Борко Лазески

Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) ја организира изложбата „Цртеж. Експериментален цртеж“ секоја година како дел од годишната програма, а годинава е поставена во куќата на Борко Лазески.

Изложбата „Цртеж. Експериментален цртеж“ на ДЛУМ се организира по осми пат, што го покажува постојаниот интерес на современите уметници за изразување во ова специфично ликовно подрачје. Изложбата има за цел да овозможи простор за презентација на дела каде што границите на традиционалниот цртеж се поместуваат, повлекуваат и преобликуваат во нови изразни форми.

Оваа изложба го слави иновативниот дух на уметниците што се осмелуваат да ги предизвикаат конвенциите на медиумот, презентирајќи разновидна колекција на експериментални цртежи кои ги предизвикуваат очекувањата и ги повикуваат гледачите да откриваат нови можности на ликовна креација.

– Во оваа ера на огромни можности на комуникација, уметниците постојано бараат свежи начини на изразување. Цртежот, со својата вродена едноставност и разноликост, служи како плодна почва за експериментирање. Од намерното обележување на моливот до спонтаните гестови на јаглен, секој потег на празната хартија е можност да се истражува, да се поставуваат прашања и да се користат нови материјали и техники – истакна Јана Манева Чупоска, претседател на ДЛУМ.

Изложбата „Цртеж. Експериментален цртеж“ годинава се реализира во куќата на доајенот на македонската ликовна уметност, сликарот Борко Лазески, каде што ќе биде поставена од 25 април до 10 мај.

Изложбата ја отвори Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија во Република Северна Македонија. На отворањето беше доделена и награда за делото „Лице в лице“ на Аница Китаноска.

ДЛУМ дополнително ја воведе и темата – можност за осврт кон делото на Борко Лазески со идеја да се поттикнат современите автори за истражување и создавање на сопствени дела во релација со цртежите, но не и делото на еден од основоположниците на македонската ликовна уметност. Уникатна можност за синергија помеѓу авторите и просторот во кој творел и живеел великанот Борко Лазески, чие творештво останува да инспирира и поттикнува.

Поради исклучителната можност оваа изложба да се претстави во Венеција, Италија, во ноември оваа година, единствено ограничување заради потребите на транспорт биле димензиите на цртежите и хартијата како основен материјал. Овие карактеристики се покажале како дополнителен мотив за истражување во процесите на цртање и материјалите со кои се реализира современата ликовна мисла.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 228, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.4.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот