Петтиот „Скопски градски фестивал“ во организација на „Баги комуникации“ носи возбудлива музичка програма

Плакат за петтото издание на „Скопски градски фестивал“

Јубилејното петто издание на „Скопски градски фестивал“, со возбудлива и исклучително квалитетна програма во организација на „Баги комуникации“, ќе се одржи во три фестивалски вечери, на 7, 9 и 15 мај.

Фестивалот ќе биде отворен на 7 мај во Камерната сала на Филхармонија со концерт на дуото „Роџерс и Харисон“, кое го сочинуваат двајца извонредни музичари, гитаристи со долгогодишно искуство на западноевропските сцени.

Истата вечер ќе настапи и во моментов најоригиналниот македонски рок-состав „Код 369“, кои доаѓаат од Битола, а нивниот прв албум насловен „Стадиуми на љубовта“, издаден за најголемата балканска дискографска куќа „Кроација рекордс“, наиде на неподелени позитивни реакции од музичката критика во Хрватска и во Словенија. Специјални гости на концертот на „Код 369“ ќе бидат пијанистот Бобан Мирковски и извонредната вокалистка Агни Авшар.

Втората вечер ќе се одржи на 9 мај во МКЦ (Дансинг сала), каде што ќе има три концерти. По повеќе од пет години, пред скопската и македонска публика ќе настапи еден од најдобрите македонски и балкански рок-состави „Бла-бла-бла“, предводен од харизматичниот лидер и автор со оригинален музички израз, Идриз Амети.

Концерт ќе одржи и Мухамед Ибрахими, кого го нарекуваат скриен гитарски бисер, скромен, но маестрален на сцена. Простор е оставен и за младата група „3rd Brigade“, а со изложба ќе се претстави Марга Рита.

Петтото издание на „Скопски градски фестивал“ ќе заврши на 15 мај, во Филхармонија (камерна сала), со концерт на Мијата (Наташа Мијат Крстевска), уникатна појава на македонската музичка сцена, како со препознатливиот музички израз, така и со оригиналните, театрални сценски настапи.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 228, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.4.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот