Македонскиот уметник Мице Јанкуловски ја прими Гран-при наградата на Биенале на минијатурата во Србија

Гран-при за Мице Јанкуловски

Највисоката награда Гран-при на 17-тото Меѓународно биенале на уметноста на минијатурата во Горњи Милановац, Србија, на 20 април му беше врачена на македонскиот уметник Мице Јанкуловски во Големата сала на Центарот за култура „Мија Алексиќ“ во Горњи Милановац.

Биеналето имало исклучителен одзив, очекуван квалитет и успешно продолжување на одамна зацртаната мисија на уметноста на минијатурата. Околу 550 уметници со повеќе од 900 дела се одѕвале на конкурсот на Биеналето оваа година.

По првата селекцијата биле одбрани 648 дела од 423 уметници, кои ја сочинуваат изложбата на Биеналето, концепциски поделено во седум изложбени категории: сликарство, графика, скулптура, цртеж, применета уметност, фотографија и интермедијална уметност.

Меѓународното жири на 17-тото Меѓународно биенале на уметноста на минијатурата во состав: Сава Степанов, Србија (претседател), Даниела Билопавловиќ Беденик, Хрватска (член), и Катарина Дуканац Стевлиќ, Србија (член) – едногласно одлучиле добитник на Гран-при да биде Мице Јанкуловски „врз основа на естетските вредности, врз основа на технички мајсторската изведба на делото и генерално на сеопфатните професионални вредности на уметникот“.

Наградата Гран-при на Јанкуловски и наградите на останатите наградени уметници им ги врачила Претседателот на Организациониот одбор Јадранка Достаниќ, а Мице Јанкуловски се обратил во полната сала на Центарот за култура на Горњи Милановац во името на сите наградени уметници.

– Секогаш сум верувал дека времето не се мери со часови, туку се мери со настани. Сите ние тука сме проживеале повеќе човечки животи во градење и создавање вредности, најпрвин како индивидуален порив, а потоа како придонес кон уметноста. Придонесот на секој од нас поединечно, секој во својата област, е пиксел во дигиталната слика која ќе сведочи пред идните генерации за степенот на развој на културата во нашето време. Зашто, да не заборавиме, реалноста во која живееме не сме ја наследиле од своите предци, туку ја позајмуваме од нашите деца. Ним треба да им оставиме вистински систем на вредности со кој тие понатаму ќе можат да го измерат и немерливото! Оваа награда ни го овозможува токму тоа и за сите нас претставува остварување на најголемата желба на секој поединец – да биде препознаен од својата и меѓународната заедница и за тоа од срце ви благодараме – изјавил Јанкуловски.

Покрај највисоката награда, на Биеналето биле доделени уште седум рамноправни први награди, по една во секоја категорија, како и шест посебни награди.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 228, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.4.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот