Со отворањето на изложбата „Црвеното училиште“ почна деветтото издание на КРИК

Отворање на изложбата „Црвеното училиште“

Деветтото издание на КРИК – фестивал за критичка култура, годинава со тематска рамка „Желбени машини – уметноста како (р)еволуција“, почна на 26 април со отворање на изложбата „Црвеното училиште“ на писателката Дубравка Угрешиќ.

Изложбата „Црвеното училиште“ е поставена во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје. На отворањето говореа Искра Гешоска од „Контрапункт“, Петар Милат и Маја Бојаџиевска, а ексклузивно водење низ изложбата со Петар Милат (Мултимедијален институт, Загреб) ќе се одржи на 27 април, во 18.30 часот.

Изложбата ќе трае до 9 мај, кога во рамките на затворањето на изложбата, со почеток во 19.30 часот, ќе се одржи промоцијата на четири книги (бокс-сет) проследена со разговор за делата на Дубравка Угрешиќ.

На почетокот на војната во Југославија, во рацете на Дубравка Угрешиќ случајно се нашол еден учебник, кој според годината на издавање лесно би можела да биде и нејзина. Пред писателката одненадеж искрснале два света – дамнешен, заборавен свет на учебникот – книгата за почетници, кој ветувал среќна иднина, и другиот, стварниот, кој таа иднина брутално ја оспорувал. Таа епизода ја поттикнала Дубравка Угрешиќ на собирање учебници, а резултира со низа дела и текстови кои се претставени на изложбата „Црвеното училиште“.

На отворањето говореа Искра Гешоска од „Контрапункт“, Петар Милат (лево) и Маја Бојаџиевска (десно)

На прашањето со што точно се занимава во „Црвеното училиште“, Угрешиќ одговорила: „Искрено, не знам. Вистина, не ми се непознати поимите како appropriation art, intervention art, соц-арт… своевремено, бев магепсана со концептот соц-арт на уметниците Илја Кабаков, Александар Меламид, на писателот Лев Рубинштајн и други. Го открив и искривоколчениот аматеризам на Хенри Даргер, го сакам југословенскиот соц-артист Душан Оташевиќ, ги обожувам филмовите на Душан Макавеев, но мислам дека одговорот не треба да го бараме во таа насока.

Јас никако не сум ’уметница‘, и сѐ што е на изложбата е рециклажа, постапка на очудување или зачудност, кои настојувам да ги постигнам со мали интервенции. Што се однесува до интервенциите и во нив користам училишни техники: повторување на мотивите, прецртување, истакнување и затскривање, и слично. Кога велам дека сѐ е рециклажа, тоа, пред сѐ, се однесува на материјалот со кој се служам. Нема ниту една моја реченица, ниту еден мој цртеж (бидејќи не сум уметница). Тоа, од денешна перспектива е археолошки материјал, а со тој вид археологија малку кој се занимава. Посетителите на оваа изложба ќе ги воочат остатоците од минијатурното црвено училиште купени одамна во некоја амстердамска старинарница, како и мојата опсесивна (зло)употреба на петокраката ѕвезда и српот и чеканот.

Од денот кога Хрватска е прогласена за независна држава, а од тогаш до денес поминаа триесет години, хрватското ментално и визуелно поле постепено го окупираа свастики, црни како бубашваби, во сите големини. Петокраките ѕвезди расфрлани низ моите „дребулии“ спаѓаат во компулзивен гест на еден губитник. Иако ’црвената ѕвезда‘ не беше мојот идеолошки беџ, ниту, пак, во моето детство нејзината присутност не беше нападна, сепак, како би можело да се заклучи, судејќи по моите дела, таа стана присутна. Црвената ѕвезда не е ниту одбрана, ниту заштита, ниту, пак, политичка стратегија. Таа е оној тивок, но постојан аларм. Бипер. Црвената ѕвезда е тука за да се постави прашањето дали сите оние свастики – бубашваби навистина нѐ поплавија?“ – одговорила Угрешиќ.

Дубравка Угрешиќ (1949 – 2023) е авторка на книгите „Поза за проза“, „Штефица Цвек во челустите на животот“, „Животот е бајка“, „Форсирање на романот – река“, „Музеј на безусловното предавање“, „Забрането читање“, „Министерство на болката“, „Нема никој дома“, „Тука нема ништо!“, „Нарилник за вештерки“. Живееше и работеше во Амстердам.

Нејзината изложба е во организација и пријателско партнерство помеѓу Мултимедијалниот институт (Загреб) и „Контрапункт“ / КРИК – фестивал за критичка култура, Скопје.

Изложбата се реализира во рамките на проектот „Периферни погледи“ (Periferal visions), соработнички проект на Европски институт за напредни културни политики (Виена), „Контрапункт“ (Скопје), kuda.org (Нови Сад), „Културтрегер“ (Загреб), „Маска“ (Љубљана), Мултимедијален институт (Загреб), а кофинансиран е од средствата на Европската Унија – „Креативна Европа“.

Проектот е поддржан и од Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска, Канцеларијата за здруженија на граѓани на Владата на Република Хрватска и Град Загреб.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 228, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.4.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот