„Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите со голем успех беше изведено со Софиската филхармонија

Изведба на оркестарската верзија на „Македонисимо“ во Софија / Фотографија: „КултурОп“

По балканската премиера на оркестарската верзија на проектот „Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите, што на сцената на македонските филхармоничари неодамна ја изведоа со Камерниот оркестар „Ајга“ и диригентката Ана Спасовска, исклучителното дело изнедрено од македонската традиционална музика низ перото на композиторот Панде Шахов, на 25 април ја продолжи својата благородна мисија на сцената на салата „Бугарија“ во бугарската престолнина, со еден од водечките оркестри во регионов, Софиската филхармонија.

Како што соопшти „КултурОп“, квинтетот „Македонисимо“ настапи во оригиналниот состав: Симон Трпчески на пијано, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал, Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело и Влатко Нушев на удиралки, заедно со Софиската филхармонија, под палката на исклучителната млада диригентка Ана Спасовска, која го имаше своето деби со познатиот бугарски оркестар.

Долготрајните аплаузи од софиската публика биле наградени со три изведби на бис, а посебно одушевување предизвикало гостувањето на познатата бугарска певица Александра Борисова, која им се приклучила на музичарите на сцена.

Меѓу присутните биле и бугарскиот министер за култура, прославениот диригент Најден Тодоров, како и македонската амбасадорка во Бугарија, Агнеса Руси Поповска.

Фотографија: „КултурОп“

Следната квинтет-изведба на „Македонисимо“ е закажана за 9 јуни во Глазгов, Шкотска, како дел од резиденцијалниот циклус концерти на нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески со Кралскиот шкотски национален оркестар.

Симон Трпчески до крајот на овој дел од сезоната го очекуваат и редовните концертни гостувања во Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Германија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот