Престижно одликување Гете-медал за Искра Гешоска

Искра Гешоска / Фотографија: Контрапункт, Скопје

Македонската теоретичарка на уметност и културна менаџерка Искра Гешоска е една од трите добитнички на престижниот Гете-медал за 2024 година.

Германскиот Гете-институт од 1955 година го доделува Гете-медалот како официјално почесно одликување на Сојузна Република Германија и е најважната награда на надворешната културна политика. Кандидатите / кандидатките се номинирани од Гете-институтите низ светот во координација со германските амбасади.

Комисијата за доделување на Гете-медалот, која се состои од личности од областа на науката, културата и уметноста, од овие номинации прави избор, кој го потврдува Извршниот одбор на Гете-институт.

Со доделувањето на Гете-медалот, германската публика се запознава со светски релевантни културни теми и актери/актерки, како и ја поддржува интернационализацијата на германскиот културен пејзаж.

Гете-медалот за 2024 година го добиваат историчарката на уметност и културна менаџерка Искра Гешоска од Северна Македонија, литературната преведувачка и толкувачка Клаудија Кабрера од Мексико и Кармен Ромеро Кверо, основачка и директорка на чилеанскиот театарски фестивал „Teatro a Mil“. Гете-медалот ќе го додели претседателката на Гете-институт Карола Ленц на церемонија на 28 август 2024 година, денот на раѓањето на Гете, во Вајмар.

Комисијата за доделување на Гете-медалот за 2024 година ја сочинуваат Рене Агуига (модератор и раководител на одделот „Литература, филозофија, религија“ на „Дојчландфунк Култур“, Берлин), Олга Грјаснова (писателка, Виена), Јулија Гросе (уметничка директорка на „Контемпорари Енд“, Берлин), Ана Хенкел-Донерсмарк (кураторка и директорка на „Берлинале Шортс“, Берлин), Матијас Лилиентал (драматург и интендант, Минхен/Берлин), Томас Оберендер (автор и куратор, Берлин), Антје Равик Струбел (авторка, Потсдам), Андреа Жшунке (раководителка на „Music WDR3“, Келн); застапник на германската амбасада е Ралф Бесте (раководител на Одделот за култура и комуникација); застапничка на Гете-институт е Карола Ленц (претседателка на Гете-институт) и Јоханес Еберт (генерален секретар на Гете-институт), известија од Гете-институтот во Скопје.

Претседателката на Гете-институт, Карола Ленц, во своето соопштение истакна: „Токму во време на различни кризи и поларизирачки дебати како денес, потребна ни е отвореност за различни перспективи во светот, подготвеност да учиме едни од други и да градиме доверливи врски во општеството, но и меѓу различни општества. Овогодишните добитнички на извонреден начин се залагаат токму за вакви поврзувања и меѓународно разбирање. Клаудија Кабрера, преку сопствените преводи и нејзината посветеност на професионализацијата на преведувачката работа, истакнува дека литературата на германски јазик во Латинска Америка добива видливост. Искра Гешоска ја промовира самодовербата и европското вмрежување на младата уметничка сцена во Северна Македонија преку невладината организација што ја основала, како и со многубројни фестивали. И Кармен Ромеро Кверо, како основачка на театар и кураторка, им дава на децата и на младите пристап до театарот, а со тоа и пристап до другите светови. Сите три добитнички на наградата не се обесхрабрени од противничките струи и пречки. Затоа, многу сум среќна што оваа година со Гете-медалот го наградуваме енергичниот и неуморен ангажман на овие три жени“.

Од првото доделување во 1955 година наградени се вкупно 380 личности од 70 земји, меѓу кои Јури Андрухович, Даниел Баренбоим, Дејвид Корнвел алиас Џон ле Каре, принцезата Софија Губаидулина, Агнес Хелер, Петрос Маркарис, Ширин Нешат, Ирина Шиер, Хорхе Семпрун, Роберт Вилсон, Хелен Волф.

– И покрај многубројните аргументи што често ме искушувале токму по ова прашање, сепак, единственото нешто во кое верувам е заедницата на споделени идеи, визии, акции, реакции и креативни конфронтации.

Верувам во политиките на споделеност и органско заедништво кое создава простори на постојано еманципирање низ критичко (себе)преиспитување. Верувам дека општествените динамики можат да бидат поттикнувачки и отворени само преку слободната размена на храбри индивидуи, кои успеваат да ја сочуваат својата автономија здружувајќи се и создавајќи силни и вибрантни платформи на солидарност и на единство на различностите. А најмногу верувам во тоа дека никој не може сам да чекори по патот ниту, пак, дека може сам да создаде какво било вредносно јадро.

Токму затоа, без двоумење, велам дека ова признание не е за мене, туку за сите нас. За сите што заеднички сме чекореле низ предизвикувачките социо-културни Сцили и Харибди, без да ставиме восок во ушите. Јас не сум ништо без сите вас. И токму затоа, ви благодарам за сите заеднички битки, за сите заеднички приказни, за сите заеднички исчекори и обиди да направиме разлика, да не се втолпиме, и постојано да бидеме будни и спремни да се спротивставиме на секој што ќе посегне и ќе сака да ја загрози автономијата во општеството, во културата, во естетските и етичките хоризонти. Гете-медалот за 2024 година го доби Македонија. Тој ни припаѓа на сите нас – истакна Искра Гешоска на својот Фејсбук-профил.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 228, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.4.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот