Луцидна и интроспективна поезија носи стихозбирката „Денар на валкан тротоар“ од Јовица Ивановски

Промоцијата на книгата се одржа во „Лабораториум“ / Фотографија: Филип Кондовски

Промоцијата на новата поетска книга „Денар на валкан тротоар“ од Јовица Ивановски се одржа на 24 април во едукативно-културниот центар „Лабораториум“ во Скопје. На настанот присуствуваа личности од различни професии, книжевници и пријатели на авторот, а пред сѐ вљубеници во пишаниот збор. Книгата ја промовираше писателката и поетеса Елизабета Баковска.

– И во оваа своја најнова (деветнаесетта) збирка поезија, насловена „Денар на валкан тротоар“, Јовица останува доследен на својот стил и светоглед: неговата поезија (како и секогаш) е луцидна и интроспективна, лаконска и филозофска, навидум едноставна, но суштински длабока. Цинична, но и бескрајно забавна. Печатот на овој автор со поприличен поетски стаж, багаж и со свое (сега и конечно) неприкосновено место во современата македонска поезија, е инстантно видлив, но видлива е и новата патина што ја му донело животното доба до кое стигнал. Така, афористичните размисли за староста и смртта често изникнуваат од овие стихови како релативно нов феномен во неговите стихови.

Природните промени на телото и умот кај човекот што (како што рекол англискиот поет Ендру Марвел) зад грбот ги слуша крилестите кочии на времето, поетски се верификуваат уште во самата воведна песна. Нејзиниот наслов („А и не треба“) е заокружен одговор (коментар) на нејзините последни стихови „По некое време гласот на Боб Дилан / упорно ми повторува: / Ништо веќе нема да биде исто.“ На овој начин, од самиот почеток, Јовица го скицира своевидното универзално (речиси јогинско) мото на својата поетика: кога нештата едноставно се случуваат, кога нештата не можат (или не треба) да се променат, за нив секогаш може да се напише добра песна – истакна Баковска.

Песни од стихозбирката „Денар на валкан тротоар“ прочитаа актерските доајени Петар Арсовски и Емил Рубен, а авторот Јовица Ивановски на присутната публика ѝ се заблагодари со прочит на воведната песна од книгата.

– Збирката содржи 62 песни, од кои една е воведна, а една заклучна песна, додека другите се уредно средени и каталогизирани во десет групи од по шест песни. Пред секој од десетте циклуси стои поднаслов: Спица на улица, Срчи на шеталиште, Џумка на џаде, Златник на плочник, Пусулче на уличе, Куртон на бекатон, Денар на валкан тротоар, Чаура на плато, Догорче во ќор-сокаче, Мрша на крстосница. Поднасловите, како што веднаш се забележува, следат еден шаблон на акузативно-локативна форма, односно секој од нив е синтагма за некој предмет на поетскиот интерес што се наоѓа на некое место од поетски интерес – објасни Баковска.

Поетот Јовица Ивановски е роден во Скопје, во 1961 година. Автор е на осумнаесет книги поезија и неколку избори на македонски и англиски јазик. Застапен е во повеќе антологии и препеан на петнаесетина јазици.

Јовица Ивановски е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата за книгата „Човек“ (2019). Живее и работи во Скопје. Книжевната критика го категоризира како „урбан поет“, бидејќи низ неговата поезија зрачат сликите на градот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 228, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.4.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот