„Фиќо“ некогаш чинеше 11 просечни плати, а за „фиат 500“ денес требаат 20
За најскапиот автомобил што можел да се купи од автосалон во првата половина од седумдесеттите години на минатиот век требало да се дадат 29 тогашни просечни плати, а денеска луксузот нема граници
Еден интересен исечок од весник од седумдесеттите години од минатиот век деновиве се врти на социјалните мрежи. Некогаш во весник се објавувала понудата за автомобили. Најевтиниот бил „трабант стандард“ што чинел тогашни 18.937 динари. Под споделената фотографија пишува дека исечокот е некаде меѓу 1972 и 1975 година.
Препорачано

Ги пронајдовме тогашните просечни плати во Југославија. Во 1972 била 1.574 динари, а во 1975 изнесувала 2.930 динари, или просекот од тие две години изнесувал 2.252 денари. Ориентационо, во тој меѓупериод за најевтиното возило требало да се издвојат 8 и пол просечни месечни плати. Цената на популарното фиќо била 25.223 динари, или во годините меѓу 1972 и 1975-та требало да е издвојат 11 просечни плати. И тогаш имало луксуз, а најлуксузното возило „волга ГА-М 24“ се продавало за 65.689 денари, или за него требало 29 просечни плати.
„Слободен печат“ побара податоци за тоа како е сега. Модерниот пандан на некогашното фиќо, хибридната верзија на „фиат 500“ основен модел е 14.900 евра, а последните податоци за нашата просечна плата е дека таа во јули изнесувала 45.276 денари, што значи дека овој автомобил чини 20 просечни плати. Денеска, пак, луксузот речиси и да нема граници. Од салон може да се купи и нов автомобил со разна дополнителна опрема, кој надминува и над 100.000 евра, но за тие возила споредбата со плата не е ни соодветна.
Според податоците од Државниот завод за статистика, во 2024 година имало 580.000 патнички возила, а просечната старост им е 19,4 години. Интересно, пред 10 години, во 2014 година, била 17,7 години, што значи дека нашиот возен парк продолжува да старее.
Според податоците објавени од Царинската управа, до декември 2024 година се увезени вкупно 49.462 патнички возила, од кои 12.170 нови и 37.293 стари автомобили.
Автомобилските кредити долго време имаа тенденција на раст, но во август нивниот вкупен износ е помал за 2,5 проценти во однос на август 2024 година, но сепак е за 1,7 проценти поголем отколку во јули. Вкупниот износ на автомобилските кредити во август бил 6,9 милиони евра.


