Фестивалот „Таксират“ најавува ПИН-конференција со динамичен и забавен телевизиски формат

Како дел од „Таксират фестивал“, секоја година се одржува единствената музичка конференција и шоукејс фестивал во Македонија – ПИН, чија цел е да го збогати домашниот музички сектор преку промовирање на најдобрите практики од Европа и светот, како и промоција на најквалитетните локални и интернационални музички изведувачи.

Музичката ПИН-конференција оваа година ќе заземе невообичаен, динамичен и забавен телевизиски формат, со времетраење од 13 часа, преку кој ќе ги документира случувањата од светот на музичката индустрија во изминатиот период. Селекцијата на програмата е направена како и останатите години – со издвојување на бројни докажани музички професионалци, соработници и пријатели, кои ја споделуваат својата експертиза и искуства за најактуелните теми од областа на музичката индустрија.

Музичката програма на ПИН ТВ е внимателно селектирана да опфаќа различни жанрови, од хип-хоп, „world music“, ска-панк, поп, до етно и електронска музика, а фокусот е на локалната музичка сцена, прошарана со интернационални изведувачи.

Преку концерти изработени ексклузивно за ПИН, убавината на Скопје ќе ја доловат етаблирани музичари од домашната сцена, како „Суперхикс“, „Бернејс пропаганда“, Кирил Џајковски, „Љубојна“, Џамбо Агушев, победниците на „Лузер фест“ – „Cut Your Nipple“, Антоние Весковски, Фанки Фреш, „Перија“, Јон Ајди, „Тока Шитет“, а ќе може да се проследат и изведувачи од Уганда, Канада, Словачка, Грција, Чешка, Франција, Белорусија и Германија. Премиерата на ПИН ТВ ќе се емитува на 13-ти декември на МРТ 3, како и на Фејсбук и Јутјуб-каналите на „Таксират фестивал“.

Ангела Кунгуловска од „Таксират фестивал“

– Долги месеци сме дел од индустрија која е една од најтешко погодените од моменталната здравствена ситуација. Самата индустрија е динамична и непредвидлива и во нормални услови, па сме навикнати да размислуваме надвор од вообичаеното и да се соочуваме со секаков вид предизвици. ПИН ТВ за нас и за учесниците е уште еден голем предизвик, кој го прифативме и реализиравме со многу ентузијазам и огромна желба сите наши искуства и знаења да ги приближиме до публиката. Цел декември традиционално е резервиран за „Таксират фестивал“ и ќе се обидеме да ја донесеме нашата позитивна енергија, хумор, знаење и одлична музика до вашите топли домови – најави Ангела Кунгуловска од „Таксират фестивал“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 59, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 5-6 декември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот