Плакат за 24-то издание на фестивалот „Синедејс“

Фестивалот на европски филм „Синедејс“ ќе прикаже програма со над 60 европски остварувања

Под слоганот „Се гледаме од другата страна“ од 3 до 10 декември ќе се одржи 24-то издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ (Cinedays).

Во осумте селекции ќе бидат прикажани повеќе од 60 филмови кои ја одбележаа тековната европската филмска година, а ќе се одржи и врвна работилница со наслов „Маркетинг на филм“.

– Оваа година публика не ја водиме на филмско патување, туку ја водиме низ премин. Типично за Дејвид Линч, на кого му го посветуваме ова издание, надреално, сонувачки, убаво и контрастно. Тој премин и покрај сé, е богат со најновите и најнаградуваните филмови. Свесни сме дека во земја како Македонија, со мал продукциски импакт, филмот се докажа како најголем амбасадор и за да можат да виреат такви креативци, но и на така префинета публика должни сме да ѝ го дадеме најдоброто што знаеме да го правиме, а тоа е, пред сé, фестивал – истакнува Маргарита Арсова, програмски координатор на „Синедејс“.

Два филма се на почетокот на фестивалот, „Тоа беше само несреќа“ во режија на Џафар Панахи, добитник на наградата „Златна палма“ на Канскиот фестивал, и „Човек лавина“ на Слободанка Рудин, филм за еден од најдобрите музичари и тапанари во поранешна Југославија, Драгољуб Ѓуриќиќ.

– Ова издание на „Синедејс“ ги носи и „Тајниот агент“ на Мендонса Фило, „Домот на младата мајка“ на браќата Дарден, и двата номинирани за „Златна палма“, „Татко Мајка Сестра Брат“ на Џим Џармуш, кој е добитник на наградата „Златен лав“ во Венеција и досега не е прикажан во кината во Европа, потоа филмови во кои македонските филмски екипи се копродуценти, како „Оче наш“ на Горан Станковиќ, „Ера“ на Парта Келменди, „Павиљон“ на Дино Мустафиќ… Ќе има и филмови на Сорентино и Парк Чан-Вок. Особено сме благодарни што годинава и „МакеДокс“ ни се придружува со своја селекција победници од нивниот фестивал. Многу гости, музика и филмски завршеток на годинава за МКЦ – дополнува Арсова.

Селектор на програмата на 24-от „Синедејс“ е Бернд Будер. И годинава филмовите се структурирани во повеќе селекции: Официјална селекција, Гала програма, МК во ЕУ, МК премиери на кратки филмови, музички документарци, ЈИЕ програма, селекција на Дејвид Линч и „МакеДокс“.

Жири-комисијата во состав Сара Климоска – актерка (Северна Македонија), Арсен Оремовиќ – режисер (Хрватска), и Алеш Павлин – режисер (Словенија), ќе одлучува за филмовите во Официјална конкуренција, а Ана Опачиќ – режисерка (Хрватска), Фатос Бериша – режисер (Албанија) и Јасмина Карајловиќ – продуцентка (Црна Гора) за филмовите во ЈИЕ програма.

На 4 и 5 декември во клубот МКЦ, во рамките на вечерите „СинеМјузик“ ќе има специјална селекција од десетина млади европски бендови, поддржани од програмата „Лајвјуроп“. Влезот за концертите е бесплатен.

Фестивалот ќе се случува во просториите на МКЦ, во кино „Фросина“ и Дансинг салата „25 мај“. Проекции на дел од програмата ќе има и во Кинотеката на РСМ.

Билетите за овогодишното издание на „Синедејс“ ќе бидат по цена од 200 денари, за сите филмови, а може да купат онлајн преку bileti.mkc.mk, како и на самиот влез на МКЦ.

Фестивалот во најголем дел е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ. Останати финансиски покровители се Градот Скопје, Делегацијата на ЕУ преку програмата за поддршка на европски филмски фестивали, како и мрежата „Лајвјуроп“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот