Фестивалот на европска литература „Букстар“ носи амбициозна програма што повикува на будење

Учесници на деветото издание на „Букстар“

Книжевниот фестивал „Букстар“ во своето деветто издание ќе се одржи од 2 до 4 октомври и ќе донесе исклучително амбициозна програма во која се опфатени гостувања на десет европски автори, четириесетина македонски учесници од различни генерации, потоа претставници на реномирани издавачки куќи и фестивали од пет држави од регионот, доделување на наградите „Драги“, но и првпат досега на книжевен фестивал кај нас – целосна ориентираност кон одговорно однесување во рамки на заедницата, како во насока на подобрување на општествените состојби и инклузивност, така и во силно изразена еколошка димензија.

– Слоганот на фестивалот „Please do disturb“ (буквално преведен како „Ве молиме, вознемирувајте“) е пресликан во програмските активности, така што донесува автори што се заинтересирани да ги согледаат општествените проблеми и на нив да одговорат преку своето гласно книжевно и општествено дејствување. „Букстар 2023“ е повеќе од настан, тоа е инспирација за оние што веруваат дека текстовите на денешнината поттикнуваат промени, нудејќи погледи на светот каде што зборовите не се повеќе букви втиснати на хартија туку повик за будење – истакнуваат од „Антолог“.

Во рамките на овој активистички пристап е одбрана и самата добитничка на наградата „Букстар“ – Наџат ел Хачми од Шпанија, која со години се бори за правата на жените, но и преку другите автори што отвораат горливи теми во своите родни држави, меѓу кои и Лидија Димковска (Македонија), која ќе го отвори фестивалот со својот ангажиран говор на тема „Со или без Please“.

Прва фестивалска програмска активност е доделувањето на наградите „Драги“, кое ќе се случи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на 2 октомври, од 14 часот. Во најтесен круг за наградата влегоа преведувачите Љубица Арсовска, Никола Ѓелинчески, Иван Шопов, Анастасија Ѓурчинова и Златко Панзов.

Во оваа пригода ќе се случи и потпишување на меморандум за соработка меѓу издавачката куќа „Антолог“, како организатор на наградата, и Филолошкиот факултет како нивен партнер. На овој настан ќе се додели и интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на македонски автор на странски јазик на превeдувачката Александра Јоаниду за преводот на книгата „Мојот маж“ од Румена Бужаровска на грчки јазик.

Свеченото отворање на 9. „Букстар“ е предвидено да се одржи на 2 октомври, од 19.30 во киното „Фросина“ во МКЦ. Учесници на фестивалот се Наџат ел Хачми (Шпанија), Миљенко Јерговиќ (Хрватска / Босна и Херцеговина), Лидија Димковска (Македонија / Словенија), Бранко Росиќ (Србија), Драго Гламузина (Хрватска), Луцие Фаулерова (Чешка), Стефан Хертманс (Белгија), Ања Мугерли (Словенија), Франсис Кирпс (Луксембург) и Софи Хана (Обединетото Кралство).

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, книжевната мрежа „Традуки“, програмата „ЕУ со тебе“, издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и од Чешкиот книжевен центар, Центарот за фламанска литература, Европската Унија, Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје и Амбасадите на Чешка, Шпанија и на Белгија.

Фестивалската програма ќе се одвива на повеќе локации во Скопје. Медиумски покровител на настанот е Македонската радио-телевизија. Визуелниот идентитет е авторство на Владимир Трајановски. Фестивалското видео го изработи Радмила Ванкоска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 198, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30.09-01.10.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот