Фармацевтските компании го критикуваат Бајден за поддршката за укинување на патентот за вакцини

Џо Бајден /Фото: EPA-EFE/STEFANI REYNOLDS / POOL

Фармацевтските компании соопштија дека поддршката на американскиот претседател Џо Бајден за укинување на патентот за вакцини против ковид-19 може да го наруши кревкиот синџир на снабдување и оти наместо тоа богатите земји треба да бидат подарежливи и да ги поделат вакцините со земјите во развој.

Бајден вчера поддржа укинување на патенти за вакцините што предизвика негодување од страна на фармацевтските компании.

Доколку Светската трговска организација (СТО) го прифати предлогот, ќе се појават нови производители без потребно знаење и надзор на пронаоѓачите и можат да ги истиснат сигурните добавувачи, соопшти Меѓународната федерација на фармацевтски производители и асоцијации (ИФПМА).

– Слушнав дека многу производители на вакцини велеле дека „нашите ресурси се растегнати, а нашите техничари исцрпени”, изјави генералниот директор на ИФПМА, Томас Куени.

Тој предупреди на можен хаос доколку на „несоодветни компании” им се дозволи да бидат вклучени.

Компаниите кои развија вакцини против ковид-19 исто така го критикуваа Бајден.

– Патентите не се ограничувачки елемент за производство или снабдување на нашите вакцини. Тие нема да го зголемат глобалното производство и снабдување со дози на вакцини на краток и среден рок, соопшти германски Бионтек кој заедно со „Фајзер“ создаде вакцина против ковид-19 и планира да испорача до три милијарди дози оваа година.

Бионтек наведе дека повеќе од една деценија развивал постапка за производство на вакцина и оти за нејзиното реплицирање е потребен, меѓу другото, искусен персонал и внимателен трансфер на технологија. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот