Фанар и Рим заедно, останатите во бојкот
Декларацијата од Фанар отвори пат кон дијалог, но и широк простор за сомнежи. За некои, ова е историски чекор напред. За други – опасно отстапување од Преданието. Борбата меѓу надежта и стравот повторно ја обликува картата на меѓуцрковните односи.
Свеченоста по повод 1700 години од Првиот вселенски собор во Никеја, што многумина ја очекуваа како уште една протоколарна церемонија во низата црковни годишнини, се претвори во момент што ретко кој би можел да го предвиди: претставници од повеќето големи христијански традиции – православни, католици, Копти и ориентални христијани, за првпат по многу векови јавно и заедно го исповедаа Символот на верата во неговата изворна форма.
Препорачано
Токму онаква каква што ја утврди Соборот во Никеја и каква што православниот свет ја чува како нешто што не смее да се допира.
На средбата во Фанар, Истанбул, се појавија имиња што инаку ги гледаме оддалеку, од различни континенти и канцеларии: папата Лав, вселенскиот патријарх Вартоломеј, александрискиот патријарх Теодор, со повеќемина придружници од различни патријархати.
Но токму нивната одлука да го читаат Символот без додатокот „и од Синот“ беше моментот што го замрзна воздухот. Некои сведочеа дека тоа „без Filioque“ звучело речиси како нешто што одамна не сме го чуле, една врата што одамна сме ја заклучиле и некој внимателно ја отвора одново… па што ќе излезе од таму, тоа никој точно не знае.
Дипломатски успех
Православната црква го смета ова за важен дипломатски успех. Години, децении, цели генерации богослови и дипломати се трудеа за нешто што секогаш изгледаше како невозможна мисија: да го убедат Западот да го признае автентичниот текст „Светиот Дух исходот од Отецот“.
Протопрезвитер Ивица Тодоров во емисијата „Попкаст со Мартин Богатиноски“ на „Слободен печат“ многу внимателно ја гледа целата слика.
– Оваа посета на римскиот епископ папата Лав е всушност најавена посета уште во времето на претходниот папа Франциск, кој се упокои. Всушност, папата Лав сега ја посети државата Турција, како глава на државата Ватикан. Во поглед на декларацијата што ја потпиша заедно со вселенскиот патријарх Вартоломеј, според моите информации, станува збор за процес, за пат, кон повторно воспоставување на црковно единство помеѓу Православната црква и Римокатоличката црква. Вселенскиот патријарх потпиша декларација, но во православниот свет функционира принципот на соборност и на консензус. Тој овој пат ја потпиша таа декларација во Фанар, меѓутоа има и други помесни православни цркви кои имаат свое поинакво размислување – изјави отец Тодоров.
Тој посочува дека црквите имаат изградено свое мислење за декларацијата, но и свој посебен однос кон вселенскиот патријарх Вартоломеј, особено по неговото влегување на канонската територија на Руската православна црква во однос на целиот процес што доведе до давање автокефалност на некои структури во Украина што денеска се нарекуваат Православна црква на Украина (ПЦУ).
– И тој процес е многу комплициран, станува збор за геополитика и за национални интереси. Јас како христијанин, искрено кажано, следејќи ја молитвата на мојот Господ, мојот спасител Исус Христос, кој упатува молба до Небесниот отец да бидеме сите едно. Значи, сите ние се бориме за единство, но единство онака како што Христос благословува во духот на вистината. Доколку во духот на вистината ние го пронајдеме тоа единство, тогаш зошто да не бидеме едно? Но доколку повторно и повторно некои интереси од овој свет се вмешуваат против духот на вистината, тогаш ништо нема да биде од сето тоа – порача отец Тодоров.
Различни ставови
Поранешниот амбасадор во Рим, Оливер Шамбевски, пак, ситуацијата ја гледа од друга перспектива – дипломатска, ладна, но со јасен фокус.
– Прославата, односно средбата на вселенскиот патријарх Вартоломеј и папата Лав во Фанар, за жал, беше бојкотирана од голем број помесни православни цркви, меѓу кои Македонската, Грчката, Српската, Бугарската, Грузиската, Руската и други, па заедничкото одбележување всушност се сведе главно на Рим и Цариград со неколку помали делегации. Самиот тој факт го намалува општото црковно значење на настанот, но не ја поништува вредноста на она што е кажано во декларацијата. Најважно за мене е јасната заложба да се изнајде заеднички начин во иднина Велигден да се прославува на ист ден. Ова навистина е најлесно постигливото поле за отстапки од двете страни без да се допре догмата, а веќе постојат разработени модели – објасни Шамбевски на Фејсбук.
Многу важен е повикот упатен до сите клирици, монаси и верен народ да ги прифатат веќе постигнатите плодови од дијалогот – од укинувањето на анатемите во 1965 година, па сè досега, додаде тој.
– Овој повик да престане внатрешниот отпор кон она што е веќе сторено може да биде сигнал дека следува подлабока фаза во која ќе се отворат потешките теми како приматот, синодалноста, авторитетот. Заедничкото и недвосмислено отфрлање на sacrum bellum (света војна) како и секое користење на верата за оправдување конфликти и насилство е силна и потребна порака во денешното време. Најконтроверзниот момент е директното поврзување на Никејскиот собор со декларацијата „Nostra Aetate“ од Вториот ватикански собор. Тоа кај многу православни предизвикува оправдано подигнување на веѓата и бара дополнително објаснување и внимание. Ако прифатиме дека оваа декларација, иако далеку од совршена и со ограничено учество, сепак претставува еден искрен чекор напред, тогаш е крајно време православниот свет да го подготви своето стадо. Ако навистина сме на прагот на поголемо зближување, неопходна е темелна пастирска подготовка за да не дојде до нови внатрешни поделби. Единството со другите никогаш не смее да стане повод за раскол меѓу нас самите. Не смееме да дозволиме обединувањето да биде уште една причина за дополнително ситнење и фрагментирање на веќе кревкото православно единство – истакна Шамбевски.
На сосема спротивната страна стои свештеникот Никола Николески од МПЦ-ОА и неговата реакција е најостра од сите.
– Трагедија, апостасија и богохулство, се случи во Фанар од двајцата богоотстапници – вселенскиот патријарх Вартоломеј и римскиот архиеретик, папата Лав XIV, со потпишувањето на одлуката за единство меѓу црквите. Кои цркви, кога во Симболот на верата се вели: Една света соборна и апостолска црква. Една е Христовата црква, а другите се еретички богохулни заедници. Според учењето на Православната црква, на вселенските собори, на помесните собори, на Светите отци и исповедувањето на православниот народ: враќањето на еретиците во црквата Божја е преку покајание, отфрлање на еретичкото учење и прифаќање на православното богооткриено учење. Ова го велат и Свети Василиј Велики, Свети Кипријан Картагенски, Свети Никодим Светогорец, Свети ава Јустин Ќелиски и сите со ред. Значи, благоверни и благочестиви православни христијани, да не наседнуваме на замките на ѓаволот и неговите слуги, туку да стоиме верно и со страв да внимаваме да не отстапиме од светото православие, од заедницата со Бога во Троица, отецот, синот и Светиот дух. Така како што Светите ангели на чело со Светиот Архангел Михаил не отстапиле од Бога уште пред создавањето на светот, според зборовите на Светиот Јован Дамаскин, во неговата книга „Точно изложување на православната вера“. За кога точно треба да паѓа денот на Христовото Воскресение, определиле 318 свети отци на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година – порачува Николески преку социјалните мрежи.
Настанот што се случи во чест на 1700-годишнината можеби нема веднаш да ја промени историјата. Но, ќе остане запишан. А понекогаш, како што старите летописци умееле да запишат меѓу две реченици, доволно е нешто да се запише за да почне да се движи. И тогаш никој не знае дали тоа движење ќе биде чекор кон зближување… или почеток на уште една епоха на тишини, недоразбирања, и долги, долги преговори.


