Фајнанс Тинк: Наместо надувување на капиталните расходи, потребно е да се стави фокус на ефикасноста на трошењето

Денари
Денари / Фото: МИА

Фајнанс Тинк во својот коментар за ребалансот на Буџетот за 2021 година порачува дека тој претставува „најгломазниот план од постоењето на државата кој треба да овозможи постпандемиски поттик на економијата“, но сепак, според нив, ребалансот укажува на недоволна волја за кратење на непродуктивните трошења и зголемување на капиталните расходи вон можноста на институциите да реализираат капитални проекти и со значајно помал обем, како што беше случајот во претпандемискиот период.

– Капиталните инвестиции се клучниот фактор за стимулирање на економскиот раст на долг рок, кој пак ќе биде особено значаен во постковид периодот. Сепак, пандемијата предизвика значајни промени во фискалните капацитети. Од една страна се зголемија потребите за итни трошења за справување со кризата, а од друга страна се намалија приходите, што резултираше со пораст на буџетскиот дефицит и јавниот долг. Во таа насока, наместо надувување на капиталните расходи, потребно е да се стави фокус на ефикасноста на трошењето, но и на ефективноста, од аспект на приоритизација и инвестирање во капитални проекти кои ќе дадат најголем ефект и влијание за економскиот раст, велат од Фајнанс Тинк во коментарот и укажуваат дека веќе алармираа за тенденцијата на ребалансот од претходната година за ограничени кратења на непродуктивните трошења и сериозни резови или надувани трошења кај капиталните расходи.

Од таму додаваат дека во анализата што ја направиле на расходната страна на буџетот во динамичен контекст за последните шест години, со цел осознавање на сличностите и разликите на ребалансирањата низ годините, може да се забележи дека секое ребалансирање на иницијалниот буџет за избраниот период се движи максимум +/-1,5 отсто. Но, од друга страна, секој нов буџет бележи значајни стапки на раст во опсег од 4 до 8,6 отсто, освен во 2021, кога буџетот е помал од ребалансот од претходната година за 2,1 отсто.

– Последниот ребаланс е специфичен поради значајната нагорна корекција нетипична за изминатите години. Иако осцилациите во последните две години се предизвикани од неизвесноста во период на пандемиска криза, сепак значајни стапки на раст на буџетот постојат пред пандемијата. Анализата открива дека буџетот значајно се зголемува, посебно во последните три години, со минимални ребалансирања пред пандемијата и значајни во пандемијата, посочуваат од Фајнанс Тинк и нагласуваат дека е потребна подетална анализа за да се открие природата на ребалансите.

Во секој ребаланс во периодот од 2016 до 2020 година, истакнуваат од Фајнанс Тинк, капиталните инвестиции страдаат за сметка на субвенциите/трансферите и социјалните бенефиции кои постојано се зголемуваат.

– Таков трејд-оф е отсутен во 2021 година кога сите категории бележат раст, посебно сериозни зголемувања постојат кај капиталните инвестиции и субвенциите/трансферите. Последниот ребаланс укажува дека главниот фокус ќе бидат капиталните инвестиции во наредниот период, но треба да се биде внимателен со оглед на историската ниска реализација на капитални проекти. Од друга страна, алармантен е износот на социјалните бенефиции и растот на субвенциите/трансферите кои генерално имаат непродуктивна компонента и не се „жртвуваат” за капиталните инвестиции, порачуваат од Фајнанс Тинк.

Социјалните бенефиции, додаваат, уживаат стабилни стапки на раст и доминантност во однос на останатите категории.

– Субвенциите/трансферите, иако со помал обем, бележат значајни стапки на раст во последните неколку години со исклучок на буџетите во 2019 и 2021 година каде постои надолна корекција. Слично, платите и надоместоците бележат стабилни и нагласени стапки на раст, посебно при буџетирањето на почетокот од секоја година во периодот 2019-2021. Ситуацијата е поразлична кај капиталните инвестиции. Капиталните расходи се поставуваат значајно оптимистички при дизајнирањето на почетниот буџет, но потоа се коригираат при секој ребаланс (за периодот 2016-2019). Исклучок претставува периодот на пандемијата каде во 2020 капиталните расходи имаа две последователни надолни корекции и во 2021 две последователни нагорни корекции, посочуваат од Фајнанс Тинк.

Собранието денеска го заокружува петтиот ден од општата расправа и треба да го донесе ребалансот на Буџетот за 2021 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот