Европскиот воз наречен желба
Време е Македонија да покаже политичка зрелост и да преземе одговорност за сопствениот пат. Европската интеграција не е подарок, туку процес што бара работа, компромиси и јасна стратегија. Ако тоа го направиме, тогаш ниеден Радев нема да биде пречка што не може да се надмине
Бидна и тоа. Бугарија гласаше на парламентарните избори и очекувано, на нив големата победа ја однесе поранешниот претседател на државата Румен Радев. Тој, според проекциите, освои апсолутно мнозинство што е сигнал дека Бугарија за првпат по неколку години политички превирања и несигурност, ќе добие стабилна влада. Тоа е она што Македонија го чека. Стабилна влада со која ќе може да преговара и договара некакво ново решение, некоја нова идеја, со цел продолжување на нашиот евроинтегративен пат.
Препорачано
Тоа, всушност, го најави и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, веднаш по изборните резултати кај нашиот источен сосед.
„Очекувам да се видиме, да разговараме и да трагаме по ново решение“, рече претседателката за Румен Радев.
Но, колку и дали Радев е воопшто спремен да разговара и да трага по некакво ново решение со Македонија? Слушнавме кои ќе бидат неговите приоритети како премиер – демонтирање на олигархискиот модел на управување со државата, силна антикорупциска борба и реформи во судството и обвинителството. Македонија тука никаде не се спомнува. Впрочем, и со право. Бугарија нема проблем со Македонија. Бугарија има проблем внатре, со својата политичка криза, нестабилност, криминал и корупција. Бугарија е членка на ЕУ, членка на НАТО, земјата влезе и во Еврозоната, и би било надвор од памет да се мисли дека Радев сега штом ќе седне во премиерското столче, ќе се посвети на евроинтеграцијата на Македонија и преговарањето со нашите политичари за некакви си бугарски гаранции за да ги вметнеме Бугарите во Уставот.
Позициите на Бугарија и на сите бугарски политичари, вклучително и на Радев, се дека Бугарите мора да бидат внесени во Уставот, дека проблемите меѓу Македонија и Бугарија не се билатерални, туку проблеми на Македонија со Европската Унија. Македонија е таа која се согласила на одредени услови за преговори и која ставила потпис на Протоколот со ЕУ и сега договореното треба да се испорача.
Македонија не смее да ја темели својата европска перспектива на тоа дали Румен Радев ќе попушти во односите со Скопје. Внатрешната политика во Бугарија секогаш ќе си игра своја игра и тоа не е нешто на што ние можеме реално да влијаеме. Затоа е погрешно да се создава наратив дека нашата иднина зависи од еден човек или од моменталната политичка клима во Софија.
Ако Македонија навистина сака напредок кон Европска Унија, тогаш фокусот мора да биде дома. Реформи во правосудството, борба против корупцијата, функционални институции – тоа се работите што никој друг не може да ги заврши наместо нас. Дополнително, обврските што сме ги презеле преку договорите и преговарачката рамка не се нешто што можеме да го игнорираме или одложуваме со надеж дека „ќе се смени нешто“ кај соседите.
Чекањето на политички пресврт во Бугарија е стратегија што веќе се покажа како неуспешна. Секоја нова влада таму доаѓа со свои услови и своја реторика, но суштината останува иста – тие ги штитат своите национални интереси. Прашањето е дали ние доволно сериозно ги штитиме нашите.
Судејќи според изјавите на нашиот премиер, повеќе од јасно е дека македонските граѓани уште долго ќе чекаат пред европските порти, каде што чмаат веќе 30 години, односно дека нема да се мрднеме ниту милиметар, што би рекол Мицкоски.
Во меѓувреме, Бугарија ќе си ги решава своите проблеми, македонските граѓани ќе стануваат сè повеќе фрустрирани што не се дел од европскиот свет, што дома се расправаат со корумпирани политичари и функционери, со политички поделби, со скапотија и преживување, што надвор од границите чекаат со часови за да ги сликаат за да стапнат на „европска почва“… А во меѓувреме, вадат бугарски пасоши за подобра иднина.
И тука Бугарија не ни е виновна што се обезличуваме како народ, виновни се нашите политичари кои од самата независност гледаа што повеќе да „здиплат“ за себе и за тие околу себе, а народот го оставија да се снаоѓа како може и умее.
Време е Македонија да покаже политичка зрелост и да преземе одговорност за сопствениот пат. Европската интеграција не е подарок, туку процес што бара работа, компромиси и јасна стратегија. Ако тоа го направиме, тогаш ниеден Радев нема да биде пречка што не може да се надмине.
Нормално, ако владата на Мицкоски сака да го продолжи патот кон ЕУ. Во спротивно, европскиот воз ќе остане само пуста желба.


