Потпишување на спогодба во Влада. Фотографија: Влада

Европската инвестициска банка по вторпат отвора претставништво во Скопје?

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски изјави дека е потпишана спогодба за отворање претставништво на ЕИБ во Скопје. Потпретседателот на ЕИБ Роберт де Гроот рече дека се формализираат односите во претставништвото што веќе го имаат во Скопје. Факт е дека такво претставништво постои и работи од 2022 година

Нашата држава денес склучи договор за соработка со Европската инвестициска банка со која, како што беше кажано, се отвора претставништво во Скопје. Но, она што е интересно е што на 30 мај 2022 година исто така имаше настан по повод отворање претставништво на ЕИБ. Тогаш на настанот присуствуваше Димитар Ковачевски во својство на премиер, а сега, актуелниот премиер Христијан Мицкоски.

По завршувањето на формалниот дел со потписите се одржа прес-конференција на која присуствуваа министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и потпретседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ) Роберт де Гроот.

– Денеска, во Владата, заедно со претседателот на Владата Христијан Мицкоски и со потпретседателот на Европската инвестициска банка Роберт де Гроот, одржавме состанок на кој беше потпишана Спогодба за отворање претставништво на ЕИБ во Скопје. Од денес, ЕИБ ќе биде уште поблиску до државните институции, локалната самоуправа и македонските компании – поддржувајќи ги во реализацијата на нивните развојни инвестиции и проекти. Поблиското присуство на ЕИБ претставува јасен сигнал дека нашата држава се движи во насока на модерна, европска и конкурентна економија – отворена за инвестиции и ориентирана кон долгорочен и одржлив раст. Новата фаза на соработка во која влегуваме денес се совпаѓа со стратегиските цели на Владата – забрзување на економската трансформација, поддршка на зелената транзиција и усвојување на европските успешни практики и стандарди – изјави министерот Муцунски по средбата.

Потпретседателот на ЕИБ Роберт де Гроот истакна дека е голема чест да се биде во држава, во која ЕИБ е активна со децении. Сепак, тој поинаку го формулираше вчерашниот настан, како „формализирањето на односите во претставништвото“.

– Навистина ми е драго што ги формализиравме односите на нашето претставништво и на луѓето што ги имаме во нашето претставништво во Скопје. Од 1991 година, ние имаме договорено инвестиции од повеќе од 1,6 милијарди евра за поддржување на економијата, инфраструктурата, општините, како и малите и средните претпријатија, но потребно е и да го олесниме нивниот пристап до заеми. Ние сме навистина посветени на ова претставништво. Тоа го започнавме уште во 2022 година и сакаме да биде дел од пристапното патување на земјата, заедно со делегацијата на ЕУ – посочи потпретседателот на ЕИБ, Гроот.

Потпретседателот на ЕИБ истакна дека одржливите инвестиции се од витално значење за градење отпорна економија, подготвена за иднината, која може да се натпреварува во рамките на ЕУ и глобално.

Клучните проекти во кои досега има инвестирано ЕИБ се инфраструктура, енергетика, транспорт, поддршка на малите и средните претпријатија, како и подобрување на животниот стандард преку модернизација на јавните услуги.

Во 2022 година беше кажано дека „Новото претставништво на ЕИБ во Скопје ќе ѝ овозможи на банката на ЕУ уште повеќе да го зголеми својот оперативен капацитет под својата нова филијала ‘ЕИБ Глобално’ и да развие потесни односи со државните органи, промоторите на проекти, локалните организации и финансиските институции“. Претставништвото е сместено во просториите на Делегацијата на ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот