За првпат по повеќе од еден век: Европската дива мачка повторно забележана во југозападна Англија
Европските диви мачки повторно се забележани во југозападна Англија, за првпат по повеќе од сто години, покажува двегодишна студија.
Препорачано
Истражувањето заклучува дека централниот дел на Девон претставува идеално живеалиште за одржлива популација на Фелис силвестрис (европска дива мачка), пишува „Гардијан“.
Шумските области обезбедуваат засолниште и места за легла, додека тревните површини и грмушките создаваат одличен простор за лов.
Според истражувањето, контролирано пуштање од 40 до 50 единки би било возможно, но не пред 2027 година. Студијата, исто така, нагласува дека дивите мачки не би претставувале закана за луѓето, стоката или домашните миленици.
Најголемите предизвици се вкрстувањето со домашни или други диви мачки, што може да ја загрози генетската чистота на видот. Потребна е и широка соработка со локалните заедници и здруженијата за заштита на животните, со цел спроведување програми за стерилизација и кастрација.
Кет Џефс, раководителка на проектот за диви мачки во Девон, изјави дека нивното враќање би било голем чекор кон обновување на автохтониот див свет и балансирање на локалните екосистеми. Во моментов, единствените преостанати диви мачки во Велика Британија живеат во Шкотска, каде популацијата е намалена на околу 115 единки.
Проектот е основан во 2023 година со цел да ја процени изводливоста за повторно воведување на видот во регионот.
Студија на Универзитетот во Ексетер покажала висока поддршка од локалното население – меѓу 71 и 83 проценти од испитаниците позитивно реагирале на идејата за враќање на европската дива мачка во Девон.


