Европа треба да се соземе и да одбере насока
ЕУ се соочува со неколку избори. Едниот води кон реформи и кон поефикасни одлуки преку укинување или преку ревизија на правото на вето, што би ја направило Унијата порешителна и поконсолидирана во очите на светот. Доколку, пак, национализмот ја парализира заедничката акција, Брисел ризикува да дејствува сè пофрагментирано или, во друга крајност, да постигне едногласност, но во поинаква насока.
Европа се наоѓа во променети светски услови додека се бори за простор притисната меѓу три големи сили – Русија, Америка и Кина, секоја со свој интерес.
Препорачано
Овие сили имаат „токсична“, но нераскинлива врска со Брисел, кој мора да постави граници и да си ги среди мислите за да реши, без двоумење, како ќе ја продолжи врската.
Америка води во стискавецот со Европа
Американската страна има свои барања од ЕУ. Претседателот Доналд Трамп сака европските земји да инвестираат повеќе во НАТО и во сопствената одбрана.
Европската Унија е изградена како економска сила, но без вистинска воена автономија. Таа се потпира на НАТО, поточно на САД, како гарант на безбедноста. Ова денес станува ризик, особено со непредвидливоста на политиката на Трамп, кој веќе подолго време се заканува дека ќе ја прекине соработката со европските земји. Од друга страна, пак, тој бара помош од нив за неговата воена агресија врз Иран.
Во контекст на Украина, Америка ја скрати помошта за Киев, а Европа сега го зема целиот економски товар на грб откако Унгарија ја тргна блокадата на 90-те милијарди евра помош.
Брисел сè уште не покажува одлучност во односот со Америка, делумно поради различните струи внатре, но можеби и бидејќи стрпливо ги чека среднорочните избори во САД. Доколку изборите ја променат рамнотежата на силите во Конгресот, Европа можеби се надева на блага промена на американскиот курс, па затоа засега се воздржува од порешителни чекори.
Русија ја гази Европа во танцот, но е енергична
Вториот притисок доаѓа од Русија, која е воена опасност, но и извор на енергенси со поволна цена.
Стравот од можно проширување на Руско-украинската војна во Европа ја држи ЕУ во состојба на готовност, без разлика на тоа колкава е реалната шанса за такво сценарио. Европа чувствува притисок дека мора да развие сопствена воена моќ и да ја намали зависноста од САД. Притоа, Русија неизбежно ќе го перципира таквото европско воено зајакнување како закана. Но, инаку, ЕУ ќе остане пасивна во период кога е потребна брза акција.
За поефикасно дејствување околу чекорите со Украина, пак, неопходна е реформа на правилото за едногласност во одлуките на Брисел, а без таа промена, заедничката европска одбранбена политика ќе остане бавна и неефикасна, како што покажуваат примерите со неодамнешните притисоци од Словачка и од Унгарија.
Од друга страна, руските енергенси се доста привлечни за Европа поради сегашниот проблем со американската блокада на Иран што предизвикува енергетска криза, па Европа мора да реши дали ќе го стави прагматизмот пред моралните начела.
Европа не го прекинува тангото со Кина, но внимава на чекорите
Кина, пак, како економска сила што е сѐ поконкурентна на пазарот, ѝ дава примамлива понуда на Европа. Брисел и Кина имаат сложен, но економски важен однос. Кина е трет најголем трговски партнер на ЕУ во целост, а втор кога станува збор за трговија со стока, со вкупна размена од околу 732 милијарди евра во 2024 година. Сепак, односот е нерамномерен, Унијата има голем трговски дефицит бидејќи увезува многу повеќе одошто извезува. Главниот дел од размената меѓу овие актери се однесува на индустриски производи, особено на машини и возила.
ЕУ истовремено ја дефинира Кина како партнер, конкурент и како системски ривал и настојува да ја намали зависноста од Пекинг.
Тука улога игра и притисокот на Вашингтон врз ЕУ да не тргува со Кина и тоа во моментот кога самата Америка склучува трговски договори со Пекинг. На пример, една од целите на Трамп е да постигне поширок трговски договор со Кина, кој би опфатил откуп на земјоделски производи покрај сојата, но и договори за ретки метали, минерали и за други стратегиски производи.
Многумина сепак би живееле во Европа
Иако Европа се соочува со сериозни предизвици, а честопати постои претстава дека е во сериозна криза, таа им останува омиленото место за живот на многумина низ светот. Во последно време има и добри вести за либералната струја во Унијата, а тоа се неодамнешните избори во Унгарија во кои авторитарниот лидер Виктор Орбан падна од власт, со што се очекува Петер Маѓар да биде понаклонет кон Унијата. Но, Румен Радев, наклонет кон Кремљ, победи на изборите во Бугарија, па се чини како да постои некаков баланс помеѓу „јин и јанг“ во ЕУ.
Позитивно е тоа што Европа почнува да ги адресира своите слабости. Притисокот од Русија и протекционизмот на Трамп ги принудуваат европските влади масовно да инвестираат дома. Европа сака да склучува нови трговски договори и конечно да ги отстрани внатрешните бариери за да го ослободи потенцијалот на светскиот пазар. Таа и понатаму располага со силни адути – има голем пазар, врвни истражувачи и значителни неискористени капитални ресурси. Сепак, потребна е политичка волја за нивно правилно насочување.
Оптимизмот не се мачка на леб
Оптимизмот, меѓутоа, не е доволен, тој мора да прерасне во конкретен активизам. Знаци на тоа веќе постојат.
Младите излегуваат на улиците барајќи климатска акција, граѓаните масовно гласаат против авторитаризам, а прогресивни политичари од целиот свет се здружуваат за обновување на демократијата и мултилатералната соработка. Сепак, расте и национализмот, граѓаните се чувствуваат несигурно, а довербата во институциите опаѓа. Без разлика дали таа субјективна перцепција се заснова на реални согледувања на нештата, овие културолошки фактори ја обликуваат насоката на Европа како актер. Но, овие настани, и од едната и од другата страна, не треба да се гледаат наивно бидејќи ветриштата што ја насочуваат европската политика се разни и зависат од многу фактори на моќ и интереси.
Европа, сепак, се соочува со криза на идентитет. Таа долго се дефинираше преку концепти поврзани со либерализмот во меѓународните односи, користеше дипломатија, санкции и мека моќ, но тој пристап денес можеби е неефективен, па останува прашањето дали Брисел треба да го сврти фокусот кон воено зајакнување. Ако ЕУ се доживува како слаба, ќе дејствува слабо и тоа ќе стане самоисполнувачко пророштво. Ако, пак, се редефинира како сила што е важна, ќе се однесува поинаку.
Во која насока дува ветерот?
Брисел се чини дека има неколку избори.
Едниот од нив води кон реформи и кон поефикасни одлуки преку укинување или преку ревизија на правото на вето, што би ја направило Унијата порешителна и поконсолидирана во очите на светот.
Доколку, пак, национализмот ја парализира заедничката акција, Брисел ризикува да дејствува сè пофрагментирано или, во друга крајност, да постигне едногласност, но во националистичка насока.
Секако, редефинирањето на европскиот идентитет, во која и да е идеолошка насока, бара Унијата да се претвори во ентитет што дејствува преку комбинација на тврда и на мека моќ. Европа нема да колабира, но се наоѓа во процес на длабока трансформација, а нејзината иднина во голема мера зависи од тоа дали ќе успее да изгради нов, убедлив и конзистентен наратив што одлучно ќе го спроведува.


