Европа може да здивне, Минхенската безбедносна конференција без Трамп и Венс
На политичарите кои ќе бидат во Баварија од 13 до 15 февруари за Минхенската безбедносна конференција им олесни кога стана јасно дека американскиот претседател Доналд Трамп и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс нема да присуствуваат на овогодинешниот собир, објавува британскиот весник „Фајненшл тајмс“.
Препорачано
Според весникот, учесниците на конференцијата во Минхен се подготвуваат за продолжување на затегнатите односи со Вашингтон, но отсуството на двајцата највисоко рангирани американски функционери, како што се вели, „ги смири нервите“ кај некои европски делегации. Атмосферата пред собирот, кој традиционално ги собира шефовите на држави, влади и дипломатии, е опишана како претпазлива и лишена од претходните очекувања за силно трансатлантско единство.
Европски министер за надворешни работи, кој побара да остане анонимен, изјави за Фајненшл тајмс дека „се надева“ дека конференцијата ќе биде „здодевна“, алудирајќи на желбата да се избегнат понатамошни политички превирања или остри пораки преку Атлантикот.
Претходно, европски функционер изјави дека за време на овогодинешниот состанок, американската делегација ќе може да почувствува дека „Европа се променила“ и дека нивото на доверба во Соединетите Држави е „многу ниско“.
Сепак, беше нагласено и дека Европа сè уште има потреба од Соединетите Држави и дека соработката ќе продолжи до степен до кој е можно, и покрај резервите што постојат.
Минхенската безбедносна конференција со години е една од клучните платформи за размена на мислења за глобалната безбедност, но овогодинешниот состанок се одржува во сенка на видливи пукнатини во трансатлантските односи. Отсуството на американскиот претседател и потпретседател, според некои европски функционери, како што пренесува Политика би можело да ги намали тензиите во реториката, но не и да ги отстрани подлабоките стратешки сомнежи што ги оптоваруваат односите со Вашингтон.
Сите очи се вперени во Минхен: Европа се соочува со предизвикот на новиот поредок на Трамп


