Еурофарм Пелистер имаше одличен старт, на крајот пораз од данскиот Архус во Битола

Момент од натпреварот Еурофарм Пелистер - Скандерборг Архус/25 октомври, Битола, Македонија/фото: instagram.com/rkeurofarmpelister

Денеска во својот прв натпревар од групата „Д“ во новата сезона од ЕХФ Европската лига екипата на Еурофарм Пелистер загуби од Скандерборг-Архус со 27:30.

Играчите предводени од Ларс Валтер имаа голема поддршка од трибините во салата „Боро Чурлевски“ – Битола, но на крајот Данците беа поуспешни и ги освоија првите бодови.

Стартот беше одличен за македонскиот вицешампион, го контролираа резултатот, имаше највисоки „плус четири“ (7:3). Се одржуваше добрата разлика, на семафорот стоеше и 10:7, но тука како да застана домашниот тим, а тоа го искористија ривалите со серија од 9:2 за на паузата да имаат предност од 12:16.

Сега противниците беа тие кои го контролираа водството, стигнуваа и неколку пати до највисоки „плус пет“ (16:21, 17:22). Еурофарм Пелистер го даваше максимумот за да се врати во игра, тоа успеа да го направи, при негатива од 20:25 направи серија од 6:2 за само „минус еден“ (26:27).

Нашиот претставник не ги искористи своите шанси за комплетен пресврт, Данците се одбранија во финишот, беа поснаодливи, врзаа неколку погодоци во низа за 26:30 и тука веќе беше познат победникот. По пет погодоци за Е. Пелистер имаа Хенеберг и Хосни, а на спротивната страна 11 голови беа дело на Теигум.

Во другите мечеви од првото коло Фуксе Берлин со 27:38 славеше над Мотор, додека Бидасоа Ирун со 35:26 го надигра Агуас Санташ Миланеза.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот