ЕУ прва во светот воведува кривично дело екоцид и затворски казни за загадувачите

Знамиња на Европската унија / Фото: МИА

Преговарачите на Европскиот парламент и земјите-членки постигнаа договор за нов закон со кој се пропишуваат затворски казни до 10 години за најголемите загадувачи, како и казнување на компаниите со парични казни во висина до 5 отсто од светските приходи, пишува Еурактив. Преговорите за казнување на злосторствата против животната средина започнаа во декември 2021 година со предлог на Европската комисија и конечно завршија во четвртокот вечерта со договор меѓу Европскиот парламент и земјите-членки.

„Предолго, криминалците профитираа од мали казни и слабо спроведување на законот“, се вели во соопштението на еврокомесарот за животна средина Вирџинијус Синкевичиус.

Парламентот официјално ќе го изгласа договорениот закон на седницата во февруари 2024 година, а наскоро се очекува пратениците да го поддржат.

„Ако ја загадувате животната средина, отсега ќе плаќате за вашите злосторства“, рече главниот преговарач на Парламентот Антониус Мандерс, холандски европратеник. Борбата против загадувањето, што често се случува преку границите, бара „координирани, одвраќачки и ефективни санкции, со цел да се спречат нови еколошки злосторства на ниво на ЕУ“, рече Мандерс.

Според новите правила, поединци или претставници на компании кои ќе извршат „еколошки злосторства“ што доведуваат до смрт на луѓе може да добијат затворска казна до 10 години. Останатите тешки кривични дела против природата предвидуваат максимална затворска казна од осум години, додека за полесните злосторства против животната средина се предвидува максимална затворска казна од пет години. Казните исто така би можеле да бидат многу построги. Покрај одземањето на концесиите и правото на јавни субвенции, правните лица фатени во кривично дело против животната средина може да бидат казнети и до пет отсто од вкупните годишни приходи.

Но, во пракса, на земјите-членки им е оставено да ги пропишат предвидените казни во опсег од три до пет проценти или фиксни казни во износ од 24 до 40 милиони евра. Иако казните нема да бидат целосно усогласени, бидејќи тие ќе зависат од законодавството на секоја земја, дефиницијата за „еколошки криминал“ ќе биде единствена. На пример, меѓу новите кривични дела на списокот е пуштањето во промет производи поврзани со уништување на шумите, загадување на морето или нелегално вадење природни води.

Како прва во светот, ЕУ во законот го вклучи кривичното дело „екоцид“. За здруженијата за заштита на животната средина кои со години се борат за криминализација на екоцидот, европскиот договор за новиот закон претставува историска пресвртница.

„Победивме! ЕУ ја поставува основата за признавање на екоцидот“, рече воодушевена Мари Тусен, претставничка на Зелените од Франција, која беше дел од преговарачкиот тим на парламентот. Категоријата „квалификувани“ кривични дела – оние кои директно не довеле до нечија смрт, но се казнуваат со затворска казна до осум години – ќе го вклучи и екоцидот.

Според оваа дефиниција, екоцидот е кривично дело против животната средина, чии последици се потешки од општествениот бенефит што се очекува од него, што доведе до тешки, широко распространети и долгорочни последици за животната средина. Следува борбата за промена на статутот на Меѓународниот кривичен суд Следниот чекор за глобално признавање на екоцидот ќе биде борбата за промена на статутот на Меѓународниот кривичен суд (МКС), во кој членките на ЕУ сочинуваат 20 отсто од членството, рече Тусен. И други еколошки организации го поздравија договорот. Сепак, во коментарите на конечниот договор, многумина изразија жалење што непријавениот и нелегален риболов не е вклучен во законот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот