ЕУ итно треба да ги намали цените на енергијата

Австрискиот канцелар Кристијан Штокер изјави дека лидерите на Европската Унија мора итно да се фокусираат на намалување на цените на енергијата. Тие, како што изјави, ја „гушат“ европската индустрија, додавајќи дека политиката на зелена транзиција не може да биде цел ако тоа значи осиромашување, односно пад на производството.

„Најитна задача е да се намалат цените на енергијата. Ниту еден друг фактор не ја задушува европската индустрија во таков степен, ниту пак некое друго прашање влијае на толку многу земји членки истовремено“, изјави Штокер за Политико, пренесе Б92.

Неговата порака доаѓа пред самитот на ЕУ во четврток, каде што лидерите ќе се соберат за да се обидат да договорат заедничка агенда за поттикнување на економскиот раст и зајакнување на независноста на Унијата.

„Пристапот што го имавме со Зелениот договор сигурно не беше одржлив. Во Австрија, на пример, намалувањето на емисиите на CO2 е првенствено резултат на пад на производството“, рече Штокер, оценувајќи дека „позелена политика не може да биде цел ако тоа значи осиромашување“.

Штокер додаде дека „пресвртот веќе започна“ и најави дека ќе се залага за продолжување на дозволите за бесплатни емисии во рамките на системот за тргување со емисии на ЕУ, со цел да се зачува конкурентноста на европската индустрија и да се спречи преместување на компаниите надвор од Унијата.

Францускиот претседател Емануел Макрон претходно се залагаше за заедничко задолжување и политика на европски преференции, додека некои лидери, како што се чешкиот премиер Андреј Бабиш и унгарскиот премиер Виктор Орбан, повикаа на укинување на еколошките прописи што ги сметаат за одговорни за високите цени на енергијата.

Европската Унија веќе започна со ублажување на одредени еколошки прописи како дел од процесот на дерегулација, што е поддржано од мнозинството земји членки.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц и италијанската премиерка Џорџа Мелони во заеднички документи повикаа на забрзување на тој процес и воведување „итна сопирачка“ кога станува збор за новото законодавство на ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот