Ескобар: Политичарите на Балканот треба да се занимаваат со иднината, а не со минатото

Габриел Ескобар
Габриел Ескобар / Фото: ЕПА

Американскиот пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар денеска изјави дека на овој регион му се потребни политички лидери посветени на европската интеграција, отворени за дијалог, кои ќе се занимаваат со можностите на 21 век, а не со проблемите од минатото.

„Клучот за посилен Западен Балкан е оној што создава инклузија, а не исклучување, интеграција наместо распаѓање, етничко помирување, а не националистички политики“, рече Ескобар на Белградскиот безбедносен форум, пренесува Блиц.рс.

Ескобар рече дека еден од најголемите и најразочарувачките предизвици е тоа што „многу политичари не се развиле во своето размислување” и дека сè уште се разговара за проблемите од 1990-тите, кои одамна требаше да се решат со политичка волја.

„Потребни ни се политичари посветени на стремежот кон ЕУ, волјата на народот, но за жал тоа не е секогаш случај. Гледаме некои вознемирувачки трендови во концентрацијата на моќта во политичките партии, во концентрацијата на економските можности само кај луѓето поврзани со тие партии“, рече тој.

Тој додаде дека Министерството за финансии на Србија, кое толку успешно управуваше со економијата, во исто време ги испитуваше активностите на граѓанските организации кои ја критикуваа владата.

„Изборот за Западен Балкан ќе биде какви лидери ќе се појават од регионот. Дали тоа ќе бидат лидери кои ќе ја прифатат идејата за економско чудо, економија од 125 милијарди долари и пазар од 20 милиони луѓе или тие продолжуваат да се занимаваат со прашања од 1990 година? Тоа е избор за народот, а не за меѓународната заедница“, истакна Ескобар.

Санкциите не се решение за Балканот

Тој додаде дека санкциите се алатка која ќе се користи, но нема да биде примарна алатка, а и да се користат санкции, тие не се решение за Балканот.

„Решението се избори, мотивација на жителите, учество на јавноста во политичката сфера“, оцени Ескобар, додавајќи дека лидерите мора да отворат дијалог со граѓанското општество и опозицијата.

Висок претставник на американскиот Стејт департмент потенцираше дека политиката на секоја американска администрација од времето на поранешниот американски претседател Бил Клинтон е дека сите шест земји од Западен Балкан треба наскоро да бидат дел од Европската унија и дека регионот може да смета на САД како партнер.

„Многу земји постигнаа огромен напредок и се надевам дека заедно со нашите европски колеги ќе успееме да ги убедиме членките дека тие не се толку ризични колку што се можност“, рече Ескобар.

Тој додаде дека секоја земја што станала членка на ЕУ станала подемократска, постабилна и попросперитетна, пренесува Бета.

Ескобар посочи дека Западен Балкан е голем двигател на економскиот раст, додавајќи дека економијата на Србија пораснала седум пати од 2000 година. Тој изрази поддршка за економската соработка меѓу земјите од Западен Балкан, било, како што рече, преку Заедничкиот регионален пазар или преку иницијативата Отворен Балкан

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот