Есеите на Влатко Деловски ги истражуваат суштинските етички и антрополошки предизвици на нашата доба
Првата книга на Влатко Деловски, насловена „Од личност до маска – за новата нормалност“, наменета за љубителите на философија, есеистика, личности и маски, беше промовирана на 10 јули во книжарницата „Или-или“ во Скопје. Промоцијата беше проследена со музички настап на „Второ колено“ – Дејан Петровиќ (Чапс), вокал и гитара, и Пеце Трајковски (Брада), перкусии и хармоника, а промотор на книгата беше д-р Дејан Донев.
Препорачано
– Писанието „Од личност до маска – за новата нормалност“ на Влатко Деловски освен што дијагностицира состојби, причини, но и длабоки последици од хиперпродукцијата на т.н. „нови интелектуалци“, повикува и на запрашаност на каде сега, како понатаму во услови кога експертизата одумира, а етиката се сместува на „ѓубриштето на историјата“, но едновремено и нуди порака за читателот дека постои потенцијална перспектива доколку Личноста повторно стане цел, доколку наместо хоминизација човекот се хуманизира! – истакнува проф. д-р Дејан Донев.
Во својот прочит на есеите, професорката д-р Ана Димишковска посочува: „Нудејќи длабинско и проникливо сведоштво на некои од суштинските етички и антрополошки предизвици на нашата доба, ова дело отвора уникатна перспектива во која заемно се проникнуваат теориските сознанија, книжевниот сензибилитет и суптилните нишки на духовноста. Оригиналниот спој на критичко-аналитичката и ирониска острина, интелектуалната широчина и личниот печат со кој е проткаена секоја страница на делото на читателот му овозможуваат не само интелектуален увид, туку и непосредно доживување на драматичниот пејзаж на егзистенцијалните крстопати пред кои е поставен современиот човек.“
Влатко Деловски е роден во Битола, а потекнува од моштенскиот ареал на Пелагонија. Од Градежен факултет заминал да студира на Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ, каде што дипломирал, подоцна магистрира на Институтот за македонска литература при УКИМ во Скопје на тема: „Културолошки параметри во првата канонизација на светители за МПЦ-ОА“.
Во моментов е на докторски студии на ИМЛ при УКИМ. Директор е на НУМ „Смилевски конгрес“ – Смилево. Но, работи и како консултант – надворешен научен соработник при Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“. Влатко е реализиран човек во рамки на заедницата, сопруг, татко на две деца, активен качувач на карпи, планинар и велосипедист.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 290, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 19-20.7.2025)


