ФОТО | Емра Куртишова од „Преспав“ го слави јубилејниот 40. роденден: „Си посакувам мир во глава и нерви што траат“
На денешен ден во 1985 година во Скопје, родена е нашата актерка Емра Куртишова.
Препорачано
По тој повод, актерката сподели емотивна објава со која го одбележа нејзиниот 40. роденден.
– Денес полнам 40. Не сум постара, само сум поискусна и малку поуморна. Зад мене се лекции што не се учат од книга. Сум паднала, сум станала, сум се преправала дека сè е во ред и сум научила дека кафето, мирот и добрите луѓе се луксуз. На 40 конечно знам дека не морам на сите да им се допаднам, не морам сè да објаснувам, и „не ми се“ е сосема доволна причина. Си посакувам здравје, мир во глава и нерви што траат… Да се смеам почесто, да се грижам помалку и да си бидам најдобра верзија за себе и моите најблиски. 40 не се години. 40 е ЈАС СУМ и ТАМАН ми е. Фала ти Боже за се’ што имам и немам! – напиша таа покрај нејзината фотографија.
View this post on Instagram
Куртишова во 2009та година дипломира на Факултетот за Драмски Уметности – Скопје, во класата на проф. Владимир Милчин и асс.Сузана Киранџиска. Дипломира со претставата „Вртелешка“ од Артур Шницлер во улога на Слатката девојка.
За време на студирањето дел е од значајни работилници за размена на искуства во три фази – Македонија, Германија и Франција предводени од проф. Владимир Милчин.
Куртишова е вработена во Театарот за деца и младинци во Скопје, каде со години остварува впечатливи улоги и активно придонесува во развојот на театарот за најмладата публика. Таа е во брак со својот колега актер Петар Стојанов, со кого имаат ќерка.
Нејзините први професионални ангажмани датираат од 2009 година, кога учествува во едукативната ТВ-емисија „Зборувајте македонски“ на МТВ, радио-драми на Македонското радио, како и во филмот „Мангава диско панк“ од проектот „Скопје ремикс“.
Во годините што следат, Куртишова бележи низа улоги во театар, филм и телевизија. Настапува во претставите „Лили“, „Исти на различен начин“, „Волшебникот од Оз“, како и во популарните „Македонски народни приказни“. Забележителни се и нејзините филмски улоги во „Духот на баба Илонка“, краткометражниот филм „Г-ѓа Рубин“, како и учеството во документарниот филм „Иднината денес“.
Од 2012 година, како дел од ансамблот на Театарот за деца и младинци, таа ги игра улогите во претставите „Цветната улица“, „Грдото пајче“, „Декамерон“, „Пипи Долгиот Чорап“ и „Рекламна бајка“, со што дополнително ја зацврстува својата позиција на сцената.
Покрај домашните проекти, Куртишова се појавува и во рускиот сериски филм „Кум“, а во 2014 година работи на нови премиери во Театарот за деца и младинци, меѓу кои „Бајка за царот Нај“ и „Нашиот клас“.
Емра е најпозната кај пошироката публика по улогата на Исаура во популарната телевизиска серија „Преспав“, која се прикажуваше во периодот од 2016 до 2024 година. Со оваа улога таа изгради впечатлив, автентичен и омилен лик кај публиката, а нејзината природна актерска игра и хумор значително придонесоа за успехот и долгогодишната популарност на серијата.
Со својата енергија, професионалност и љубов кон театарот, Емра Куртишова продолжува да гради кариера исполнета со квалитетни и разновидни улоги.


