Предновогодишно интервју со Емра Куртишова-Стојанова, актерка: Елката траеше два дена, но радоста со Лена е бескрајна, хо-хо-хо…
Во пресрет на новогодишните празници, актерката Емра Куртишова-Стојанова од Театарот за деца и младинци открива како празниците се промениле откако станала мајка и како магијата на Новата година ја доживува заедно со својата ќерка Лена и сопругот Петар.
Препорачано
Во интервјуто за „Слободен печат“, Емра споделува семејни ритуали, радоста од детските очи, но и спомени од сопственото детство што и денес ѝ го греaт срцето, откривајќи ја топлината и важноста на семејството во празничниот период.
Каква смисла има Новата година за тебе откако станаа мајка?
– Ќе си дозволам да бидам искрена и ќе кажам дека години наназад за мене пречекот на Новата година и новогодишните празници не се со истиот жар како од порано, ниту, пак, нешто многу се возбудувам и им се радувам. Тоа се должи на брзиот живот, и некако дури да трепнеш, поминала цела една година. Во принцип сум здодевна, неинтересна кога станува збор за какви било прослави. Но, затоа тука е Петар, кој е тотална спротивност од мене, па така некако балансираме – особено сега кога ја имаме Лена. Така што, новата година за мене лично е само нови 365 дена исполнети со сите човечки емоции, успеси и падови.
Како изгледа празничната атмосфера во вашиот дом? Кога ја китите елката и кој најмногу ужива во тоа?
– Некаде на почетокот на декември купивме помала елка, затоа што ланската е 180 см, па одлучивме ако случајно ја „стресе земјотрес“ – штетата да биде помала. Ја накитивме со најубави светкави лампиони што останаа на елката цели два дена, затоа што Лена ги вадеше и си замислуваше дека јаде јаболка. Сега имаме елка без лампиони и сигурна сум дека е уникатна и единствена (ха-ха-ха).

Дали сакате и ти и Петар магијата на Дедо Мраз да трае што подолго и како ја градите таа приказна дома?
– Приказните со Дедо Мраз се најчистото и најискреното верување. Убаво е кога гледаш фасцинација и восхит во детските очи. Ова го кажувам за Лена, но и за сите дечиња што се дел од публиката во мојот матичен театар, во текот на предновогодишните празници. Не се опишува таа радост и затоа со Петар се трудиме на Лена да ѝ ги доближиме сите радости поврзани со Новата година, затоа што не постои поголем успех за родителите од среќно и насмеано дете.
Лена веќе е во приказната – глуми Дедо Мраз. Со јогурт си прави мустаќи и вели дека е Дедо Мраз, хо-хо-хо!
Дали Лена веќе има омилена новогодишна песна или нешто што ја фасцинира со празничните светла?
– Ги пее сите новогодишни песни во нејзина оригинална изведба, има и новокомпонирани па дури и „mashup“ (каша) од сите (хахаха). А, што се однесува до празничните светла – мал збор е фасцинација.
Како и секое дете, така и Лена навистина многу се радува.

Најубав новогодишен спомен од детството што сè уште те грее?
– Се сеќавам дека често пречекот на Нова година го славевме кај мојата тетка. Таа во текот на новогодишните празници беше многу креативна, едноставно сакаше сѐ да ѝ биде тип-топ.
Од новогодишната трпеза со многу колачи во вид на круши, јаболка, шишарки, ежиња… до накитената преубава елка. Игравме лотарија и многу се забавувавме, за на крајот, кулминација да бидат подароците пред влезната врата „оставени“ од Дедо Мраз. Тоа ми го грее срцето до денес, но и во исто време ме растажува затоа што тие времиња и семејни вредности веќе никогаш нема да се вратат.
Имате ли некој семеен ритуал за празниците што не го прескокнувате?
– Последните три години на секој 30 декември Петар облекува костим на Дедо Мраз, го пречекуваме пред врата и така ги носи мојот роденденски и новогодишните подароци за Лена.

Каква е новогодишната трпеза кај вас? Колку традицијата е сè уште присутна?
– Со оглед на тоа дека последните години на 31 декември сме во друштво со мајка ми, новогодишната трпеза се подготвува кај неа. Стандард новогодишни рецепти, солено, благо кисело… од сѐ по нешто.
Што најмногу те исполнува за празниците – подготовките, новогодишната ноќ или утрото потоа со кафе и мир?
– Утро со кафе и тишина. Нема потреба да дообјаснам, напишано е погоре.

Кои вредности сакаш преку празниците да ѝ ги пренесете на ќерката?
– Не сакаме да ѝ наметнуваме вредности, туку да ги почувствува преку нас. Би било убаво преку празниците Лена да ја види радоста од тоа што сме заедно, дека домот е место каде има љубов, разбирање и смеење. Да научи дека подароците се убави, но заедничките моменти поминати во кругот на семејството уште поубави.
И за крај, едноставна, но најискрена новогодишна желба?
– Искрено од срце посакувам да сме поприсутни едни за други, да се чуваме и да ги препознаваме убавите моменти, и тогаш кога се мали. Посакувам многу здравје, сѐ друго нека дојде во свое време.


