„Елитните падобранци се подготвени за 18 часа“ – дали Трамп испраќа војници во Иран?

Американската елитна 82. падобранска дивизија, позната по копнени борбени операции и сложени мисии, чека нови наредби по изненадното откажување на планирана воена вежба, дознава „Вашингтон пост“ од воени извори.

Во последните неколку дена американската војска неочекувано откажа голема вежба на штабниот персонал на оваа елитна единица, што поттикна шпекулации во Министерството за одбрана дека војниците специјализирани за копнени борби ќе бидат распоредени на Блискиот Исток, додека конфликтот со Иран ескалира.

Падобранската дивизија со седиште во Форт Браг во Северна Каролина опфаќа бригадна борбена група од четири до пет илјади војници, подготвена за распоредување во рок од 18 часа.

Нивните мисии можат да бидат различни, од заземање аеродроми и клучна инфраструктура, преку обезбедување на американски амбасади, до итни евакуации. Штабниот персонал на дивизијата е одговорен за координација на планирањето и спроведувањето на тие операции.

До петок не се издадени конкретни наредби за распоредување, рекоа официјални лица кои разговарале под услов на анонимност. Се очекува наскоро да биде потврдено распоредување на хеликоптерска единица на 82. дивизија на Блискиот Исток.

„Се подготвуваме за секој случај“

Неочекуваната промена на планот, кога штабниот персонал добил наредба да остане во Северна Каролина, наместо да учествува на вежба во Форт Полк во Луизијана, како и истакнатата улога на 82. дивизија во претходни конфликти, ги засили шпекулациите дека Силите за непосреден одговор би можеле наскоро да бидат активирани.

„Сите се подготвуваме за секој случај“, изјавил еден извор запознаен со ситуацијата.

Прашањата на новинарите биле упатени до Пентагон, кој издаде кратко соопштение:

„Поради безбедноста на операциите не разговараме за идни или хипотетички распоредувања“. Официјални лица од Централната команда на САД, која ги надгледува операциите на Блискиот Исток, одбиле да ја коментираат ситуацијата.

Претседателот Доналд Трамп даде различни објаснувања за одлуката во врска со конфликтот со Иран и јавно изјави дека американски копнени трупи „веројатно“ нема да бидат потребни, но не ја исклучи таа можност.

Силите за непосреден одговор беа ангажирани во изминатите неколку години за зајакнување на безбедноста на американската амбасада во Багдад непосредно пред убиството на Касем Сулејмани во 2020 година, за евакуацијата од Авганистан во 2021 година, како и за демонстрација на американската воена моќ во Источна Европа пред руската инвазија врз Украина во 2022 година.

Големо мнозинство Американци против испраќање војници

Од почетокот на конфликтот минатата недела американските сили користат воздушни и поморски напади врз воени цели и ирански арсенал од ракети, беспилотни летала и воени бродови. Како што иранските системи за одбрана ослабуваат, американските авиони сѐ почесто летаат директно над Иран, погодувајќи цели со прецизна муниција.

Портпаролката на Белата куќа Каролин Ливит изјави дека испраќањето американски копнени трупи во Иран „не е дел од моменталниот план, но опцијата и натаму е на маса“.

Повеќе од 50.000 американски војници се вклучени во операциите, а шест војници загинаа во контранападите на Иран. Претседателот нагласи дека „веројатно ќе има уште жртви“ пред завршувањето на кампањата.

Аналитичарите истакнуваат дека една од првите цели на копнената акција би можел да биде островот Харг во Персискиот Залив, клучна точка на иранската нафтена инфраструктура. Неговото заземање би им дало стратешка предност на САД, но истовремено би ги изложило американските војници на голем ризик.

Според анкета на Си-Ен-Ен, 12 проценти од испитаниците поддржуваат испраќање копнени трупи во Иран, 60 проценти се против, додека 28 проценти не се сигурни.

Трамп пресече: Нема договор со Иран, освен безусловно предавање

Иран тврди дека најмалку 153 луѓе загинале во училиштето, Израел вели дека „не изведувал операции во таа област“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот