ИНФОГРАФИК | Едвај спаси жива глава, сега ѝ се заканува затвор!?

pale iloska пале илоска
Пале Илкоска и невенчаниот сопруг, полицаецот Александар Ристовски

Случајот на 23-годишната велешанката Пале Илоска, која лани со нож го усмрти својот невенчан сопруг А.Р., крена голема прашина во јавноста откако против неа обвинителството поднесе обвинителен предлог дека убиство го извршила „во миг“, а не како што тврди обвинетата и нејзината одбрана, во нужна самоодбрана. За правниците што ги консултираше „Слободен печат“ ставот на ОЈО не значи дека ќе биде уважен од судот, така што судот може да прифати и да пресуди на крајот дека Илоска делото го сторила во нужна самоодбрана, а не како што е дефинирано во обвинението.

Основното јавно обвинителство Велес, по спроведена истрага, поднесе Обвинителен предлог за кривично дело убиство, според член 125 од Кривичниот законик.

Од Хелсиншкиот комитет сметаат дека во конкретниов случај станува збор за акт на самоодбрана, односно за институтот нужна одбрана, а не за сторено кривично дело „убиство на миг“. Комитетот ги цитира достапните информации и изјавите на сведоците што беа пренесени во медиумите дека Илоска неколку години била во врска со велешкиот полицаец, кој претходно бил осудуван за изнуда и други кривични дела. Во текот на нивната врска таа често била малтретирана и тепана.

– Наше мислење е дека тука станува збор за институтот „нужна одбрана“, со оглед на тоа што во истиот момент кога таа го извршила убиството, всушност сакала од себе да отстрани противправен напад што е и главната суштина на нужната одбрана. Оној што делото ќе го стори во нужна одбрана, односно сакајќи од себе да отфрли истовремен противправен напад, не се казнува кривично – вели Тона Карева од Хелсиншки комитет за „Утрински брифинг“.

Кривичното дело „убиство на миг“, член 125 од КЗ, пропишува дека „тој што друг ќе лиши од живот на миг, доведен без своја вина во состојба на силна раздразнетост со напад или со тешко навредување од страна на убиениот, ќе се казни со затвор од една до пет години“.

Адвокатот Петар Јовановски објаснува дека со ова кривично дело апсолутно се заштитува животот на човекот како неприкосновен.

– Со оглед на тоа што убиството на миг може да се случи во рамките на семејството, при вршење семејно насилство, како извршители и жртви на ова дело може да се појават лица што се наоѓаат во семејни или блиски лични односи. Посебно прашање што е од значење кај убиството на миг е проценување на состојбата на силна раздразнетост во којашто е доведен сторителот на делото, со напад или со тешко навредување – објаснува Јовановски.

Ја влечел за коса по под, ја клоцал, ја давел…

„Обвинетата, на 29.9.2021 година, во семејната куќа во која живеела, доведена без своја вина во состојба на силна раздразнетост како последица на семејно насилство, го лишила од живот на миг сега починатиот А.Р. со кого живеела во вонбрачна заедница. Откако се вратиле дома од гости, А.Р. во видно алкохолизирана состојба започнал вербална расправија со обвинетата, нарекувајќи ја со најпогрдни зборови. Таа влегла во спалната соба и легнала да спие, но тој дошол до неа, ја фатил за пижамата и со неа ја влечел до кујната, удирајќи ја со тупаници по главата, увото и левото рамо, како и со клоци по левата натколеница. Потоа силно ја фатил со раце во пределот на вратот да ја дави. Обвинетата давала отпор и го молела да ја пушти, а во еден момент од масата зела нож и му нанела убодна рана во пределот на срцето. Како последица на убодот, дошло до нарушување и престанок на функционирањето на срцето и смрт кај сега починатиот. Со оглед на тоа што постојат околности што укажуваат на опасност од бегство на обвинетата, заедно со Обвинителниот предлог е доставен и предлог за продолжување на мерката куќен притвор определена за обезбедување на присуството на обвинетата во текот на кривичната постапка“ – се вели во обвинителниот предлог.

Обратока на податоци: Слободен печат / Елизасавета Бејкова

ИНФОГРАФИК | ОJO бара велешанката Пале да одговара за убиство, иако била тепана од убиениот маж со кој живеела

ВИДЕО | Хелсиншки комитет: Илоска го убила сопругот во самоодбрана, а семејното насилство треба да се пријавува

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот